Поздрав до Редакцијата и пофалби за новата рубрика "Еурека". Особено интересен и едукативен е трудот на м-р Елица Перчинкова, објавен во ноемврискиот број на Емитер. Воедно сакам да испратам пофалби кон одлуката да се објави овој труд (или дел од него) до Редакцијата на Емитер. Имам еден предлог: кон сите оние кои испраќаат критики за содржината на Емитер, одговорете им со овој извадок од трудот на м-р Перчинкова: "Бидете истражувач и гледајте на работите од нов агол, дури и за обичните теми најдете нова и неочекувана точка на гледање. Проширете ги хоризонтите, постојано учете. Не бидете тесногради, гледајте ги работите пошироко. Не заборавајте го ентузијазмот, на работите пријдете им со страст, не бидете малодушни, дајте малку боја на вашето работење." Овој цитат треба да им биде "вграден" во главите на сите оние кои го водат и (не)се грижат за нашето општество.
Во врска со фељтонот "Мистеријата наречена НЛО" сметам дека е непотребен и доволно извикан. Имајќи предвид дека информациите кои ни се пласираат од страна на г. Стојмир Симјановски се речиси целосно познати од голем број филмови, серии и книги со научна и фантастична содржина, пишувањето на фељтон од 12 продолженија е непотребно трошење на страници од списанието кое треба да ја популаризира и применува науката и техниката. Наместо 6 страници за НЛО, ставете +6 страници електроника или информации за нови типови електронски компоненти, електронски уреди, информации од областа на енергетиката. Почнете со фељтон за анализа на пазарот на електрична енергија или договорете соработка со EVN со цел да обезбедите најразлични информации од областа на енергетиката кои можете да ги објавувате во Емитер. Може да започнете и со фељтон од областа на електромагнетиката, кој може да им користи на студентите од електротехничките факултети кои мака мачат со овој предмет.
Томе Ивановски, Битола

Ви благодарам за пофалбите и предлозите.
Во врска со фељтонот за НЛО, ви обрнувам внимание дека една од задачите на секое списание за наука и техника е и "разјаснување" на мистериите од граничните подрачја на науката.
Темите од енергетиката редовно ги има во ЕМИТЕР, а во овој период во тек е серијал написи за алтернативните погони кај автомобилите. Во подготовка ни е и серијал на написи за енергетската иднина на Земјата, во контекст на класичните и алтернативните и еколошки извори на енергија. Пред неколку години понудивме соработка до ЕСМ, но тогаш не наидовме на разбирање. Можеби новото раководство ќе има повеќе разбирање за соработка со ЕМИТЕР?
Слободан Таневски