Го изработив проектот 50W Hi-Fi аудиозасилувач, ЕМИТЕР број 56 - март 2002 г., но наидов на проблем. Кога ќе го активирам засилувачот, нормално ја извршува неговата функција, но кога ќе засилам глас, повеќе од половина, доаѓа до прекинување на излезниот сигнал, повторно доаѓање, повторно прекинување... последователно во кратки интервали. Ја изменив повратната врска, на местото на R6 ставив отпорник со вредност од 2k7. Сега го нема тој проблем, но засилувањето е незадоволително, па ќе ве молам за совет.
Тони Ристески.

Според она што го имате наведено во вашето писмо, можам да претпоставам дека главна причина за ваквото однесување на засилувачот е нискиот напон на пинот 3 во однос на негативниот напон за напојување (пинот 4). Во нормални услови, овој напон треба да биде за 5V повисок од напонот на пинот 4. На пример, ако напонот на пинот 4 изнесува -25V, тогаш напонот на пинот 3 треба да биде околу -20V. Ако ја погледнете електричната шема на слика 4, ќе забележите дека овој напон се добива со напонскиот делител кој го сочинуваат отпорниците R8 и R9. Вредноста на овие отпорници е избрана согласно висината на напонот за напојување, која во нашиот случај изнесува +/-25V. Засилувачот може нормално да работи и со понизок напон (до +/-6V), но во тој случај треба да се зголеми вредноста на отпорникот R9. Доколку за напојување користите извор со понизок напон од +/-25V, тогаш треба да извршите корекција на вредноста на R9. Вредноста можете самите да ја пресметате според следната релација: R9=41/(Us-5) [kOmi], каде што со Us е означен вкупниот напон за напојување (напонот помеѓу пинот 2 и пинот 4).
Втора работа на која треба да обрнете внимание е секако квалитетот на изворот за напојување. Изворот за напојување треба да има мала излезна импеданса и за најниските фреквенции. Со други зборови, тоа би значело квалитетни електролитски кондензатори со вредност од најмалку 4700μF, квалитетен мрежен трансформатор, кратки жици за поврзување со засилувачот и добри електрични контакти. Ова е важно, бидејќи секоја промена на напонот за напојување ќе значи и промена на напонот на пинот 3, а тоа е напонот со кој се управува работата на засилувачот.
При поголем излезен сигнал, струјата што протекува низ звучникот може да предизвика голема промена на напонот за управување, а со тоа засилувачот од нормален режим да премине во т.н. "MUTE" режим на работа.
Вредноста на отпорникот R6 не треба да ја менувате, бидејќи за стабилна работа на засилувачот напонското засилување треба да изнесува најмалку 30dB.
Дејан Трпески