Според едно ново истражување, жените што развиле гестациски дијабетес во почетокот на бременоста имаат поголема шанса да родат дете со аутизам отколку жените кај кои оваа болест не се развила.
Научниците откриле дека идните мајки што до 26-тата недела од бременоста развиле гестациски дијабетес високо ниво на шеќер во крвта за време на бременоста кај жени кои никогаш немале дијабетес – имаат 63 проценти поголема веројатност да родат деца дијагностицирани со аутистичкиот спектар на нарушувања (АСН), споредено со жените што немале гестациски дијабетес во која било точка за време на бременоста, и на кои претходно не им бил дијагностициран дијабетес тип 2.
Според коавторот на истражувањето, Ени Ксијанг (Anny Xiang), ова не значи дека аутизмот е честа појава кај жените со дијагностициран гестациски дијабетес, туку дека е откриена врска со ова заболување кое води кон зголемен ризик за аутизам кај детето.
Истражувањето што беше објавено оваа недела во Journal of the American Medical Association, опфатило 320 000 деца родени во јужна Калифорнија во периодот меѓу 1995 и 2009 година. Околу 8% од овие деца биле родени од мајки што се здобиле со гестациски дијабетес, додека 2% од мајки со дијагностициран дијабетес тип 2. За време од 5,5 години, колку што во просек биле следени децата, кај околу 3400 деца опфатени со истражувањето било дијагностицирано аутистичко нарушување и Ааспергеров синдром којшто кај децата може да предизвика социјални, комуникациски и други проблеми во однесувањето.
Притоа биле разгледани и другите фактори коишто можат да влијаат на шансите за развој на аутизам кај на детето, како што се возраста на мајката, образованието, приходот, етничката припадност, претходна бременост и полот на детето (аутизмот е петпати почест кај момчињата отколку кај девојчињата). Со нивно вклучување, влијанието на гестацискиот дијабетес за развој на аутизам било намалено, но врската сè уште била присутна. Кај мајките со дијагностициран гестациски дијабетес до 26 недела од бременоста се покажало 42% зголемување на ризикот кај детето да се манифестира аутизам, споредено со ризикот од аутизам кај децата чии мајки немаат гестациски дијабетес, дури и со вклучување на претходно споменатите фактори.
Како врската точно функционира, сè уште е нејасно, но голема улога во поврзаноста најверојатно има тоа што првите месеци од бременоста се критичен период за развој на мозокот.
Според Ени Ксијанг, ако фетусот во развој е изложен на зголемени нивоа на шеќер во крвта, за време на овој важен период од развитокот на мозокот, ова може да има некаква врска со промените во однесувањето коишто се манифестираат по раѓањето кај лицата со аутизам.
Истражувањето покажа и дека нема зголемување на ризикот за развој на аутизам кај децата родени од жени коишто биле дијагностицирани со дијабетес тип 2 пред да забременат. Ова најверојатно се должи на постојната терапија за контролирање на шеќерот во крвта за време на бременоста кај овие жени.
Сепак, Ксијанг вели дека нема место за паника и грижи за жените со гестациски дијабетес. Резултатите покажуваат дека на 1000 мајки со гестациски дијабетес дијагностициран до 26-тата недела, само седум деца можат да развијат нарушување од аутистичниот спектар.