Рубрика: Омнибус
Чај - напиток за сите возрасти
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 26.03.2015 - 13:21

Легендата кажува дека кинескиот цар Жен Нунг, околу 2750 година пред Христа, додека се одморал од напорниот лов си сварил вода од потокот. Во лонецот во кој вриела водата, случајно паднале неколку листови од зимзеленото дрво крај него, кое е сродник на магнолијата, а кое денес се нарекува чајно дрво. Пријатниот мирис допрел до неговиот нос и царот не можел да одолее да не го вкуси тој пијалак. Инаку, грмушката на кинескиот чај првпат се споменува во стариот кинески спис “Пент-Сао”. Чајното дрво во Јапонија го донел будистичкиот свештеник Јеисеи, кој го открил неговото благотворно дејство на телото и духот, па веројатно е дека поради тоа својство овој пијалак е толку омилен меѓу тамошните припадници на зен-учењето. Се претпоставува дека во Европа чајот стигнал преку арапските трговци во 13 или 14 столетие со брод, а подоцна се увезувал по копнен пат, по т.н. “пат на свилата”. Освен чаевите добиени од чајното дрво, нашироко се користат и други растителни и овошни чаеви. Чај се пие во целиот свет, а го пијат луѓе од сите возрасти. Постојат три основни видови чај. Зависно од технолошкиот процес на обработка, се разликуваат: зелен чај, олонг и црн чај. Чајното дрво се сади во големи чајни градини на надморски височини од 100 до 2000 метра. Листовите за црн чај потполно се оставаат да ферментираат, додека листовите за зелен чај се изложуваат само на пареа, а потоа се сушат. Чајот олонг или улон е со вкус помеѓу црниот и зелениот чај и бара малку посложена обработка.
Уште од дамнешни времиња во народната медицина зелениот чај се користел за ублажување на разни болести, какошто е воспаление на жолчното кесе и воспаление на жлебините и непцата. Исто така, тој бил ценет поради делотворноста кај воспаление на грлото, детоксикација на организмот, уморни очи, подочници, главоболка и друго. Многу козметички компании од неодамна додаваат во своите производи токму зелен чај бидејќи се покажало дека неговите состојки штитат од процесите на воспаленија настанати од UV-зрачење. Екстракт од зелениот чај исто така ја потпомага оксидацијата на мастите, па затоа се смета за битен сојузник во борбата против прекумерната тежина. Многубројни истражувања укажуваат и на позитивните дејства од консумирањето на црниот чај како што се: намалување на нивото на холестеролот, намалување на ризикот од појава на крвни згрутчувања и подобрување на функцијата на крвните садови.
Чајот е богат со антиоксиданси и флавоноиди и ја зголемува растегливоста на крвните садови, šшто доведува до подобар проток на крвта. Пиењето зелен чај не е добро само за срцето, туку ја зајакнува и меморијата, тврдат истражувачите. Студијата изведена во Кина открила дека пиењето зелен чај ја подобрува регенерацијата на мозочните клетки и така позитивно делува на меморијата.
Кинеските истражувачи се фокусирале на хемикалијата EGCG, која ја има во зелениот чај. “Токму оваа супстанција го помага процесот на неврогенеза (создавање на нови нервни клетки) во мозокот”, вели проф. Баи. По долги експерименти на глувци, се заклучило дека EGCG директно ја подобрува продукцијата на прогенитор клетките, клетки кои се слични на матичните (стем) клетки.
“Ова откритие може да помогне во борбата против дегенеративните болести и губитокот на сеќавањето”, додава Баи. Истражувањето е објавено во научниот магазин Molecular Nutrition & Food Research.
Бидејќи содржи специфични состојки, зелениот чај се препорачува и како лек кај проблемите со варењето, проливи, мачнина и друго.
Веројатно се прашувате што е подобро, чај или кафе?
Состојката во чајот, наречена танин, која е речиси иста со кофеинот, е откриена во 1827 година. И кафето, како и чајот, во некои традиции било особено почитувано. Маите и Ацтеките го сметале кафето за света билка. Но, и покрај позитивните дејствувања на кафето, кофеинот од чајот, за разлика од оној во кафето, не дејствува негативно на срцето и крвотокот, туку, напротив, го засилува протокот на крвта и размената на материите во мозокот. Во чајот има околу 30% помалку кофеин отколку во кафето. Кофеинот од кафето се растворува веќе во желудникот, додека оној од чајот во најголем дел го растворува цревниот сок од тенките црева.
Кофеинот од кафето стигнува во крвотокот брзо, додека тој процес кај чајот тече побавно. Дејствувањето на кофеинот од кафето достигнува врв за десетина минути, а престанува за 30 минути. Кај чајот, дејствувањето на кофеинот достигнува врв по 40, а престанува по 70 минути. Кофеинот од чајот дејствува освежувачки, а крајните резултати се подобрено расположение, намален умор и намалена поспаност.
Денес чајот, е најчесто консумирана течност по водата. Раширен е по целиот свет и се подготвува на различни начини.
Освен чаевите добиени од чајното дрво, се користат и растителни и овошни чаеви. На подрачјето на античка Грција постоела цела наука за подготовка на чаеви за превентива, но и за лекување. Тоа знаење го промовирале учители во склоп на програмата која се нарекувала “Учење на огнот”, а кај многу семејства на Балканот со илјадници години постои традиција на лековити чаеви, која е пренесувана од колено на колено.
Но, сепак, најпознат вид чај е секако црниот чај, кои некои го нарекуваат уште и индиски или руски чај, кој во различни култури се подготвува на различни начини. Обично, во него се додава малку млеко за да се ублажи горчливиот вкус. Индиските јогини заедно со млеко додаваат и некои зачини како што се цимет, мед, ѓумбир, кардамом или каранфилче.
Монасите од Тибет отишле најдалеку, па во чајот додаваат сол и путер, бидејќи сметаат дека толку јак пијалак ќе ги држи будни во долготрајните медитации и ритуали.