Едно ново истражување покажало дека птиците во забранетата зона околу Чернобил успешно се приспособиле, а дури можеби и имале корист од долгогодишната изложеност на висока доза на радијација. Еколозите пронашле докази дека дивите животини се приспособуваат на јонизирачката радијација која настанала поради најстрашната нуклеарна катастрофа во историјата, катастрофата во Чернобил. Тие утврдиле дека птиците коишто произведуваат големи количини феомеланин (пигмент што се наоѓа во нивните пердуви) најтешко ја поднесувале радијацијата.
Чернобилската катастрофа се случи во 1986 година и имаше катастрофални последици за околината. Поради големата радијација, подрачјето е затворено за луѓе и претставува еден огромен експеримент за влијанието на радијацијата врз животните и растенијата.
Неодамна, а по повод 28 години од катастрофата, научниците со помош на мрежи уловиле 152 птици од 16 различни видови од 8 подрачја во забранетата зона околу Чернобил. Тие го измериле нивото на радијација во секоја зона поединечно и земале примероци од крв и пердуви од секоја уловена птица. Потоа го измериле нивото на глутатионот, важен антиоксиданс во билките, животните и печурките, како и нивото на оксидацискиот стрес и оштетувањето на нивната ДНК од примероците на крв. Исто така, тие го измериле и нивото на феомеланин (вид на меланин) во пердувите и дошле до интересни сознанија. Во експериментот научниците испитувале одделни птици, а не различни видови. Меѓу анализираните птици биле: ластовичка, славеј, сеница, ќос, клукајдрвец, црешар, зеба и други, а нивоата на радијација се движеле од многу мали до значително поголеми дози, односно од 0,02 до 92,90 микросиверти во секунда. Sievert, скратено Sv, е изведена мерна единица со која се изразува еквивалентна доза на јонизирачко зрачење, а името го добила по šшведскиот физичар и лекар Ролф Сиеверт, кој е познат по своите трудови на мерење дозирана радијација заедно со неговите истражувања за биолошките ефекти на радиоактивноста и заштитата од зрачење врз живите суштества.
Резултатите покажале дека со зголемување на радијацијата, но до извесна граница, здравјето и нивото на глутатионот кај птиците се зголемува, а оксидацискиот стрес и оштетувањето на ДНК се намалува. Птиците коишто произвеле поголеми количини феомеланин биле со полошо здравје. Овие резултати се важни бидејќи говорат како различни видови птици различно се приспособуваат на радијациско зрачење, како и на еколошките услови како во околината на Чернобил, – вели Исмаил (Ismael Galvan) од Шпанскиот национален истражувачки институт.
Ова истражување е објавено во списанието Functional Ecology.