Манастирот на Петра можеби ќе биде додаден на листата на историски градби и споменици коишто луѓето ги изградиле за астрономски цели. Новите истражувања укажуваат дека античките архитекти го следеле привидното движење на Сонцето на небескиот свод и го изградиле овој познат религиозен центар имајќи го на ум зимскиот солистициум.
Кога Земјата ја достигнува најдалечната точка на својот пат околу Сонцето, сончевата светлина навлегува во манастирот, којшто се наоѓа во Петра (Јордан), и паѓа врз подиумот на божеството. Истовремено светлината фрла сенка во облик на глава од лав од планината којашто се наоѓа наспроти религиозниот центар. Инаку, лавот е свето животно во набатенската култура. Структурата во античка Арабија била само една од неколкуте набатејски храмови, палати и гробници за коишто научниците спровеле статистичка анализа. Набатенската култура цветала на просторите на денешен Јордан и во околните земји во периодот меѓу првиот век п.н.е. и првиот век од новата ера.
Според Хуан Антонио Белмонте, научник од Канарскиот институт за астрофизика и координатор на истражувањето, набатенските споменици се прекрасни лаборатории каде што постои меѓусебна поврзаност и интеракција на релјефните карактеристики и астрономските случувања врзани со Сонцето, Месечината и другите ѕвезди. Тој додава и дека астрономските ориентации честопати биле намерно вклопувани во градежните планови, можеби дури и знак за астралната природа на нивната религија, којашто покажува неверојатна “хиерофанија”, односно демонстрација на светото кај спомениците коишто се поврзани со култните времиња и начини на обожување.
Една друга значајна структура, гробницата Урна, има главна порта којашто е направена така што е во линија на зајдисонцето во деновите на рамноденица, додека пак при зимскиот и летниот солистициум сончевите зраци ги осветлуваат внатрешнитеšагли од зградата. Научниците велат дека почнувајќи од 446 од н.е., кога структурата била претворена во црква, локалните жители ги користеле солистициумските маркери за чествување на Бадник, на 24 декември, и за одбележување на раѓањето на свети Јован Крстител, на 24 јуни, соодветно.
Според Белмонте, овој неверојатен сплет од три порамнувања во рамките на планот на гробницата, во комбинација со значајните карактеристики на далечниот хоризонт, тешко дека може да ѝ се припишат на случајноста. Тој смета дека се работи за намерен обид на претворање на салата на гробницата Урна во своевиден уред за бележење на времето.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Nexus Network Journal и ги вклучуваат резултатите и од сите учесници во проектот – Канарскиот институт за астрофизика, шпанскиот Национален совет за истражувања и универзитетот на Перуџа во Италија.