Когнитивните психолози Фернанд Гобет и Гилермо Кампители (Fernand Gobet и Guillermo Campitelli) востановиле дека играчите на шах се разликуваат највеќе по количината на вежбање што им е потребно за постигање одредено ниво на вештина во шахот. Бројот на часови на обука и пракса, потребни за постигање статус на “мајстор” (многу високо ниво на способност), е утврдено дека се движи од 728 до 16 120 часа. Тоа значи дека на некој играч, за да стане мајстор, му треба 22 пати повеќе пракса отколку на некој друг.
Прашањето што секој си го поставува е зошто е тоа така и на што се должи. Одговорот на кој најпрво ќе се сетите е дека се во прашање гени што ги поседуваат играчите. Но ова е делумно точно! Барањето по генетски варијации што го прават некој да биде надарен спортист, музичар или, едноставно, паметна личност, трае десетици години, но до денес не е откриена ниту една точна генска варијација којашто би ја објаснила природната разлика во интелигенцијата меѓу луѓето.
Најголем напредок на истражувачите е откритието на почетокот од оваа година, кога се откриени само три генетски варијации коишто со сигурност се поврзани со човечката интелигенција. Но, максималниот ефект на тие три комбинации изнесувал само 6 IQ (коефициент на интелигенција) единици, што е малку разочарувачки, но сепак е некаков утврден факт.
Според досегашните истражувања, постојат многу аспекти коишто влијаат некој да биде паметен. Еден од нив, кој се смета и за најважен, е помнењето. Способноста за зачувување информации и способноста тие да бидат трансформирани во идеи и долгорочно паметење е основа на учењето на нешто и е од витално значење за интелигенцијата на човекот. Во процесот на трансформирање се вклучени голем број невротрансмитери и мозочни структури. Секоја генетска варијанта за која е утврдено дека влијае на општата интелигенција може суптилно да влијае на кој било од многуте неврохемиски процеси, но тешко е сето тоа да се дешифрира, велат истражувачите. Затоа не изненадуваšшто потрагата по гени коишто се одговорни за интелигенцијата не напредува брзо. Постојат илјадници варијации што со нивната комбинација и интеракција со одредени други лични особини на човекот ја дефинираат човечката интелигенција или зошто на некој му е потребно 22 пати помалку пракса отколку на некој друг.
Според некои опсежни истражувања, сепак се смета дека многу поголем удел во постигнувањата резултати има трудот и упорното вежбање од вродениот талент, или со други зборови, интелегенцијата без надградба и работа не е некоја којзнае каква предност. Колку вежбање е потребно? Научниците и тоа го пресметале: десет илјади часови. Толку наводно е потребно да се важба нешто за да се постигне мајсторски степен на стручност во некоја работа – било да се работи за готвење, шах или за свирење на клавир.