Сеќавањата се честопати врзани со емоциите и овие чувства може да се заменат со нови искуства со текот на времето. Според едно ново истражување, чиишто резултати беа објавени во август, во списанието Nature, научниците успеале да ги изманипулираат мозочните клетки на лабораториските глувци претворајќи ги нивните најстрашни сеќавања во нови, среќни сеќавања.
Сеќавањата се вградуваат во групи на неврони коишто се активираат заеднички или по одредена шема. Притоа се верува дека невроните од различни мозочни области зачувуваат различни аспекти од сеќавањето на еден настан. На пример, местото каде што се случил настанот и емоцијата врзана со него може да бидат складирани на различни места.
Во новото истражување научниците ги разгледувале невроните во мозочните структури на хипокампусот и на амигдалата. За првиот се верува дека го шифрира контекстот на сеќавањата, како што е врзаноста за локацијата, на пример, додека пак вториот е одговорен за шифрирање на емоциите. Глувците употребени во истражувањата биле манипулирани со генетски инженеринг така што им овозможиле на истражувачите полесно да ги следат записите на нивните сеќавања. Така, со формирањето на стравотни и пријатни сеќавања, протеинот чувствителен на светлина се појавувал кај невроните коишто ги шифрирале новите сеќавања. На овој начин истражувачите можеле да ги обележат овие неврони и подоцна да го реактивираат сеќавањето на оние мозочни клетки во коишто тоа се наоѓало.
Новиот експеримент функционирал бидејќи научниците одделно “чепкале” по контекстуалните и по емоционалните аспекти на сеќавањето. Кога научниците ги активирале невроните во хипокампусот, тоа го повикувало контекстуалниот дел од сеќавањато, додека новите настани коишто глушецот ги искусувал биле презапишани во емоционалниот дел од сеќавањето. Ова довело до формирање на ново сеќавање за истото место коешто било со поинаква емоционална асоцијација. Проучувајќи ги мозочните клетки под микроскоп, истражувачите потврдиле дека врската помеѓу невроните коишто ги складирале сеќавањата во хипокамоусот и оние во амигдалата била изменета со манипулациите, што укажувало на тоа дека врската помеѓу овие две мозочни области е навистина подложна на промени.
Од повеќе други истражувања, веќе е познато дека сеќавањата се подложни на промени, и дури може и одново да бидат испишани секогаш кога ги повикуваме за време на некое друго искуство. Сепак, научниците сè уште не го разбираат во целост мозочниот механизам којшто овозможува промена на сеќавањата и дури и ни дозволува да чувствуваме различни емоции во врска со тие сеќавања. Расветлувањето на овие механизми може да им помогне на научниците еден ден да развијат нови терапии за состојбите како што се депресијата или пострауматското нарушување.
Новите експерименти следеа по истражувањата од минатата година спроведени од истите научници, кога на глувците им беа вметнати лажни сеќавања коишто никогаш не се случиле во нивниот живот.