Парадоксот којшто долго време им задава главоболки на идните патници низ времето конечно е решен. Теоретската “главоломка” е позната како “Парадокс на дедото” и се занимаваше со тоа дали е можно, на пример, да патуваш низ времето и да ги спречиш твоите баба и дедо воопшто да се сретнат. Ако тие никогаш не се сретнале, тогаш ни таткото на патникот низ времето не би бил никогаш зачнат, значи ни тој не би бил никогаш роден. Значи се работи за нерешлив парадокс, освен како што сега тврдат на научниците, можеби на ниво на најмалите структури на материјата.
Истражувачите од Универзитетот во Квинсленд симулирале што ќе се случи ако еден единствен фотон би бил фатен во "затворена временска крива", теоретска црвоточина којашто го враќа фотонот на претходна позиција во време-просторот. Преку интеракција со самиот себе, тој би требал да влијае врз неговата иднина, создавајќи верзија на “Парадокс на дедото” во нано размер. Но, истражувачите утврдиле дека својството на "замагленост" на квантните состојби спречува ова да се случи. Фотонот е веќе во квантната суперпозиција на комбинација од постоење и непостоење (ви текнува на Шредингеровата мачка, нели?), па за разлика од хипотетичкиот дедо, се чини дека не е важно дали тој следи една или друга патека. Трудот, објавен во Nature Communications, го зголемува знаењето за тешко разбирливата граница помеѓу класичната и квантната физика.