Рубрика: На граница на науката
Телепортација: експресно патување низ просторот
Автор: Мартин Стојановски
Објавено на 26.08.2014 - 12:30

Штом ќе се спомне телепортација, веднаш ќе си помислите на Ѕвездени патеки (Star Trek). Сега сте тука, а сакате да одите таму. Само со притискање на едно копче за неколку секунди ќе стигнете на предодреденото место. Но, во стварноста не е баш така - патувањето ќе трае онолку секунди (или години) колку што ќе треба на електромагнетниот бран (што ја носи информацијата) да стигне до локацијата каде што е пратен.

Благодарејќи на сè повеќе лабораториски експерименти, расте бројот на верувачи во “beam me up”, но исто така има и голем број на тие што не веруваат дека вакво нешто може да стане реалност.

Последните неколку години, истражувачите успеаја да телепортираат зраци од светлина низ лабораториска просторија. Исто така, квантна состојба на заробен јон на калциум е телепортиран до друг јон на калциум на контролиран начин. Овие, како и други експерименти придонесуваат сè повеќе и повеќе да се говори и пишува за телепортацијата во научната јавност. Во најголемиот дел, ова сè уште е една егзотична реалност, која спојува многу научни принципи во едно. Сите тие во иднина ќе треба да бидат доволно истражени, за да може да зборуваме за реална човечка телепортација од една до друга точка. Па, можеби е така... а можеби и не.

Писателот Дејвид Дарлинг (David Darling), автор на книгата “Телепортација – невозможен чекор” (Teleportation - The Impossible Leap) вели: “На еден или на друг начин телепортацијата ќе игра важна улога во иднината на човештвото. Таа ќе биде фундаментален процес во срцето на квантните компјутери, кои и самите радикално ќе го променат светот”.

Една форма на, да речеме, класична телепортација на неживи објекти многу е веројатно да стане реалност. Но, дали луѓето ќе можат да го направат тој чекор, тоа останува да се види.

Телепортацијата на човек би барала машина која ќе може да ги изолира, процени и да следи преку трилион трилион атоми кои се содржат во човечкото тело. Потоа, тие податоци ќе треба да бидат пратени до друга машина, каде што ќе треба да бидат повторно составени, надевајќи се при тоа да не настанат проблеми во физичката и менталната состојба на индивидуата. Една работа е сигурна: доколку тој невозможен чекор излезе дека е мерливо тежок, тогаш ќе остане дилемата само да се отстранат технолошките предизвици, и еден ден сето тоа ќе се оствари. Најверојатно џокерот за едно вакво достигнување е квантниот компјутер, фактор кој ќе ги промени правилата на тоа што е возможно, а што не е.

Пред околу една година, научниците во HP (Hewlett Packard) објавија нова стратегија за креирање на квантен компјутер, со користење на квантната состојба на фотоните како прекинувачи, наместо користењето на денешните транзисторски направи. Тоа што треба да се постигне е хардвер кој ќе може да прави милијарди пати повеќе пресметки од кој било компјутер што денеска го познаваме. Со развивањето на овие компјутери, нема да биде далеку денот кога ќе стане рутински да се телепортираат индивидуални атоми и молекули. Тоа ќе води кон телепортација на макромолекули и микроби... со, најверојатно, следен чекор човечка телепортација.

Најверојатно ќе се запрашате што може телепортацијата да направи за идните вселенски истражувачи, како што се ликовите од Ѕвездени патеки? Класично кажано, телепортација е да се стигне од точката А до точката Б, без притоа да се помине преку точките помеѓу А и Б. Со други зборови, нешто се дематеријализира на едно место, и потоа едноставно се рематеријализира на друго место. Може да се каже дека ги гледаме првите знаци на телепортацијата во вселенски рамки и денес. На пример, Спирит и Опортјунити стигнаа до Марс на конвенционален начин. Но, нивната мисија и акции се контролирани со команди од Земјата.

Значи, со праќање на инструкции, ние ефективно ја надополнуваме конфигурацијата на роверите. Исто така, очите на камерите и другата опрема што е вградена на роверите ни служат како замена на нашите сетила. Па може да се каже дека ефектот е како ние лично да сме се телепортирале на површината на Марс. Во иднина, може да биде возможно да склопите едно цело вселенско летало на лице место, користејќи материјали од околината. Ова ќе биде само еден понапреден чекор кон вистинската телепортација.

За да се земе оваа идеја како една крајна цел, тогаш мораме да ја земеме предвид нанотехнологијата. Кога нанотехнологијата доволно ќе се развие, еден автоматски тим за составување може да биде испратен на локацијата. Кога ќе пристигне на лице место ќе го изгради новото летало, започнувајќи од молекуларно ниво, па натаму. Доколку телепортацијата биде воспоставена при вселенските мисии, тоа ќе значи праќање на огромно количество информации (преку електромагнетни бранови) до некој одреден свет и потоа користејќи го тоа што го рекол Ајнштајн “морничава акција на дистанца” за да може тамошните честички да се соберат во истата состојба, како што биле во моментот кога биле анмизирани (“пратени”) од Земјата. На овој начин ќе биде возможно да се праќаат роботи, или, пак, цели човечки екипажи на интерпланетарни, или во подалечна иднина и интерстеларни растојанија.

Доколку биде возможно да се телепортираат луѓето, тогаш многу лесно ќе може да патуваме до Месечината или, пак, до кој било дел од Сончевиот систем, со брзина како што денес многу лесно праќаме информации преку Интернет.

Ако навистина станеме цивилизација која ќе може да врши телепортација, што се случува со другите цивилизации кои се наоѓаат негде во вселената? Можеби тие уште сега ја имаат усовршено техниката на транспортација преку телепортација? Можеби наводните вонземјани или НЛО објекти кои се забележани на Земјата токму пропатувале низ просторот преку телепортација.

Според некои извештаи, некои НЛО-а се појавуваат и исчезнуваат многу бргу, што секако се сложува со основната идеја за телепортација. Но, секако, за да успее сето ова на такви големи растојанија, претходно ќе биде потребно да се направи едно супсветлинско патување за да се постави телепортацискиот приемник на локацијата каде што ќе биде пратен телепортираниот објект. Квантна телепортација, на субатомско ниво и денес може да се изведе во лабораториите. Оваа процедура бара да има техничка опрема и на двата краја за да може да функционира. Па може да очекуваме во иднина некој како капетан Кирк да каже “Скоти, телепортирај ме на Ентерпрајз”!

Клучни зборови: