Овој месец привршува натпреварот на средните училишта “Наноматеријали - материјали на иднината 2014”. Натпреварот се одржува под покровителство на министерот за образование и наука на Република Македонија, а во организација на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје.
Од 15 ноември до 15 декември 2013 година сите заинтересирани за учество можеа да се пријават за учество на веб-страницата на натпреварот. Потоа, од 15 декември до 01 февруари оваа година пријавените ги предадоа проектите за натпреварот. Притоа како теми на проектите беа посочени следните области: Наноматеријали, Паметни материјали; Хибридни материјали; Метални материјали; Керамички материјали; Полимерни материјали; Текстилни материјали; Биоматеријали; Биоразградливи материјали; Композитни материјали; Рециклирачки материјали.
Право на учество на натпреварот Наноматеријали - материјали на иднината 2014 година имаа сите редовни средношколци од II, III и IV година.
По примањето и прегледувањето на проектите, беше истакната листата на селектирани проекти за регионалните натпревари. Во периодот од 15 февруари до 1 март се одржаа 7 регионални натпревари во седум региони, а победниците од регионалните натпревари учествуваат на републичкиот натпревар кој е во тек.
Комисијата на регионалните натпревари беше составена само од професори од Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ).
Право на учество на републичкиот натпевар имаат тимовите кои се пласирале на едно од првите 3 места на регионалните натпревари. Комисијата на републичкиот натпревар е составена од 10 професори од ТМФ. На републичкиот натпревар, кој завршува на 30-ти март, ќе бидат наградени првите три тима со 120 000 денари за освоено I место; 60 000 денари за освоено II место и 30 000 денари за освоено III место.
Технолошко-металуршкиот факултет ги покрива трошоците за престој на тимовите, нивните ментори и директорите на школите на републичкиот натпревар.
Правилата за проектите беа следните: Изработка на проект и негова презентација во PowerPoint. Притоа проектот треба да содржи: Вовед, дел за структурата на материјалот којшто е избран, дел за објаснување на својствата на избраниот материјал, за примената на избраниот материјал, како и лично размислување/идеи на тимот за некоја идна примена или функција на избраниот материјал. Се разбира, на крајот треба да биде посочена користената литература.