Секогаш кон сè треба да имаме критички став, да ја читаме декларацијата, да не веруваме слепо на она што пишува и да создаваме навики во исхраната со предзнак "умереност" и "физичка активност", а не "лајт" и "без". Прочитајте го текстот за да дознаете зошто!
Сирење и млеко со "нула" млечни масти, сладолед без шеќер и без масти, мајонези што не дебелеат бидејќи немаат калории, сокови без шеќер... Полиците во продавниците се полни со таканаречени "лајт" или "нула" производи без холестерол, шеќер, масти, кофеин и други штетни додатоци, наменети за оние што сакаат да живеат здраво и долго! Меѓутоа, се поставува, прашањето дали е сè така како што изгледа на прв поглед, односно, дали и колку овие производи се навистина здрави и добри за сите?
Нутриционистите велат дека она што е напишано не само што не е така туку и не е баш и најздраво. Според нив, не е толку важно дали од овие хранливи продукти навистина е исфрлено сè она што е назначено на декларацијата, туку каков ефект имаат таквите производи врз човекот кој редовно ги консумира, особено врз младите кои полесно ги прифаќаат "револуционерните" новитети понекогаш и како помодарство. А, зад популарното "без" и "лајт" честопати се кријат додатоци како што се вештачки засладувачи и разно-разни адитиви кои понекогаш служат само за да ги манипулираат потрошувачите и да им ги земат парите.
Користењето обезмастени млечни производи има смисла ако ги конзумираат луѓе со зголемено ниво на холестерол, болни од шеќерна болест и луѓе со зголемена тежина. Корисни се кога постои некакво заболување. Млечните масти за сите други имаат корист и големо значење во зачувувањето на здравјето и виткоста и никако не би требало да се исклучат од исхраната, а особено треба да ги консумираат децата, тинејџерите и, воопшто, младите луѓе.
Зошто се препорачуваат обезмастени или полуобезмастени млечни производи кај постарите и кај луѓето со одредени заболувања? Масните киселини во млекото се опасни за крвните садови бидејќи го зголемуваат холестеролот. Исто така треба да се користи јогурт со додаток на ацидиофилни, односно млечнокиселински бактерии, кои го штитат гастро-трактот од лоши бактерии. Обезмастените производи, значи, се корисна храна наменета за одредена популација. Меѓутоа, здравите луѓе би требало да јадат млечни производи со умерена содржина на млечни масти заради витамините кои му се потребни на организмот, а кои се раствораат исклучиво во масти. Таков е, на пример, витаминот Д кој е многу важен за коските.
Факт е дека слоганот "без холестерол" многу често се злоупотребува. Најголема глупост и невистина е кога на растителни масла го пишува овој слоган, бидејќи во овие масла природно НЕМА холестерол. Холестеролот може да се најде во продукти од животинско потекло. Слична е приказната и со црниот леб. Црниот леб би требало да биде кафеав, а тој во нашите продавници речиси секогаш има црна боја. "Фарбањето на лебот" е јавна тајна меѓу пекарите. Црниот леб би требало да се прави од брашно од типот 850, кое е прилично скапо и не им се исплатува на производителите, па тие на белото брашно му додаваат боја, и така тие ни нудат полубел, црн, па дури и интегрален леб што се продава со повисока цена и со поголем профит. Толку за лебот со декларација "специјален вид леб".
Газираните пијалаци се посебна приказна, како и разните кондиторски производи што не содржат шеќер, но содржат засладувачи што се поопасни и од шеќерот. Ваквите производи многу често нè наведуваат во организмот да внесеме многу повеќе калории, мислејќи дека само шеќерот и благите работи ни ја зголемуваат тежината.
Газираните води често содржат сол, па иако не содржат шеќер, не треба да ги пијат луѓе со покачен крвен притисок. На полиците сега не можат да се најдат гуми за џвакање што содржат шеќер, а ни се нудат дури и бомбони без шеќер.
Како и да е, секогаш кон сè треба да имаме критички став, да ја читаме декларацијата, да не веруваме слепо на она што е напишано и да се создаваат навики во исхраната со предзнак "умереност", а не "лајт" и "без". Овој совет особено важи за помладата популација. Не слабејте со лајт, безмасни и производи без шеќер, туку бидете физички активни: шетајте, пливајте, возете велосипед, спортувајте... Парите за специјални производи искористете ги за нешто друго што ви носи радост и задоволство.