Рубрика: Омнибус
Мозочна транзиција
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 28.01.2014 - 11:26

Во зрелите години од животот мозокот почнува полека да се менува. Затоа постарите луѓе можете полесно да ги збуните со неважни информации поради што губат концентрација кога треба правилно да извршат повеќе работи.
Д-р Шерил Грејди од истражувачкиот центар Ротман во Канада користела функционална магнетна резонанца за да ги испита мозочните функции кај здравите средовечни луѓе. Резултатите ги споредувала со оние добиени од млади и од стари лица. При бележењето на мозочната активност, на испитаниците им се давани мемориски задачи.
Кај младите личности растела активноста на дорзолатералниот префронтален кортекс (чија функција е врзана за задачи за кои е потребна концентрација) во текот на решавањето на задачите за кои било потребно меморирање, а опаѓала активноста во медијално-фронталниот и во париенталниот регион (кој е врзан за активноста на мозокот во текот на периодот на одмор, како што се размислувања за себеси или следење на околината).
Во животниот период меѓу 40 и 60 година од животот активноста на мозокот почнува постепено да се менува. Кај средовечните луѓе во текот на извршувањето на мемориските задачи опаѓа активноста на дорзолатералниот префронтален кортекс, а активноста на делот на мозокот задолжен за сонување останува иста, нејзината активност не се намалува како кај возрасните лица.
Оваа нерамнотежа во активноста на различни делови од мозокот задолжени за две потполно различни задачи, еден за концентрација, а друг за опуштање и за сонување, стануваат уште повпечатливи кај лицата постари од 65 години, што објаснува зошто постарите луѓе потешко се концентрираат на решавање некој проблем и полесно се деконцентрираат со некои неважни информации.
Студијата покажала дека средовечноста е транзиционен период кога почнуваат постапно да се одвиваат значајни промени во функционирањето на мозокот и кога постапно се губат способностите во острина на размислувањето и способноста за концентрација на проблемот.