Во денешното општество, стресот стана нешто нормално, нешто што го дефинира човекот како возрасен и зрел. Меѓутоа, што се крие под параванот на напнатоста и зошто е таа толку присутна во животот на голем број луѓе?
Напнатоста, во суштина, е одбранбен механизам кој служи за да не се почувствува болката што лежи под неа. Кога се вели болка, се мисли на разни непожелни и непријатни емоции што се јавуваат како резултат на голем број трауматски искуства од моментот на раѓање. Како некој почеток би можеле да се сметаат незадоволените основни потреби од страна на родителите во детството, како што е потребата за заштита, сигурност, љубов и слично.
Подоцна, разни други искуства во семејството и во општественото опкружување одредуваат колкаво количество болка некој ќе носи или нема да го носи во себе. Количеството болка што некој го носи во себе придвижува еден интересен механизам, а тоа е механизмот на борба. На голем број луѓе животот им претставува борба во која тие се стремат да ги задоволат нереалните и наметнати потреби. Без борба би се почувствувала болка, бидејќи таа штити од соочувањето со неа, и затоа постои. Најчесто, борбата почнува во детството и со годините сè повеќе јакне. Живеејќи на таков начин, постепено се создава уверување дека борбата е составен и неизбежен дел од животот.
Сега, тука доаѓаме до напнатоста, која е тесно поврзана со борбата. Имено, борбата создава напнатост, која исто така го спречува соочувањето со болката. Напнатоста всушност е резултат на потиснувањето на болката. Колку е поголема болката, толку ќе биде поголема и напнатоста. Несаканите емоции што во секојдневниот живот излегуваат на површина се резултат на приближување на болката. Во таква ситуација е невозможно да се биде мирен, бидејќи повеќето луѓе се навикнати да го избегнуваат соочувањето со тие емоции, и тоа создава напнатост. Поради тоа, луѓето постојано прават нешто за да не почувствуваат болка. Факт е дека многу луѓе веруваат дека напнатоста е составен дел од животот и дека тоа е нешто нормално. Ова е реалност на целата западната цивилизација, и напнатоста е нејзин темел.
Значи, од една страна ја потиснуваме болката со напнатост, а од друга страна, постои уште еден механизам на потиснување – механизам на потиснување на напнатоста, а воедно и на болката. Тука стапуваат на сцена одбранбените механизми. Одбранбените механизми се алатки за да се избега од болката. Колку е појака и поголема болката, толку и одбранбениот механизам ќе биде појак и поголем, и обратно. Видот на одбранбениот механизам зависи од начинот на кој некому му е нанесена болка. Груб и непосреден начин доведува до создавање површни одбранбени механизми, додека суптилното нанесување болка доведува до создавање суптилен одбранбен механизам.
Постојат неколку типични примери за одбранбени механизми:
• тикови
• фантазирање
• воздивнување
• ноќни мори
• пушење, дрога, алкохол
• расправии
• болести, лекови
• интелектуализација
• ТВ, интернет, мобилен
• секс
• мастурбација
• медитација
• лажење
• претерано вербализирање или молчење
• мокрење во кревет
• прекумерна потреба за спиење
• прекумерна потреба за физичка активност и др...
Саканата цел за секое лице е да пронајде начин како да постане вистински, односно како да ја трансформира својата болка. Кога ќе стане вистински, тогаш човекот не е напнат и во борба, туку живее со леснотија свесен за себе и за својот пат. Поради таквиот пристап на животот, имаме можност за константно менување, и она што е најбитно е дека ние почнуваме да живееме 100% присутни и живи во секоја секунда.
За да дојде до тоа, потребно е да се работи на освестување на сопствената индивидуа и освестување на несвесните делови и болката која ја носиме во себе.