Најпросто кажано, плазма е четвртата агрегатна состојба на материјата, покрај трите претходно дефинирани агрегатни состојби во кои материјата може да се појавува во зависност од температурата на која таа е изложена: цврста, течна и гасовита. Следното прашање е: кога материјата преминува во агрегатната состојба плазма? Преминува на енормно висока температура, па денес се знае дека плазмата била главната состојка во најраниот универзум, бидејќи тогаш владеела екстремно висока температура. Денес доволно висока температура за појава на плазма владее во "атмосферата" на ѕвездите. Така на пример, во сончевата корона, која го обвиткува нашето Сонце со слој дебел преку милион километри, на некои места температурата достигнува преку 3 милиони степени Целзиусови. На толку висока температура, структурата на атомите од која било материја не може да се одржи како една целина, туку таа се разградува така што јадрата на атомите и електроните, кои во нормален случај орбитираат околу јадрата, наполно се раздвојуваат едни од други, па така се добива материја во агрегатната состојба плазма, која наликува на "супа" од расфрлани наелектризирани елементарни честички. Овие ослободени елементарни честички имаат висока кинетичка енергија, доволна за да ја надвладеат сончевата гравитација и да ја напуштат сончевата корона, така формирајќи струење, познато под називот Сончев ветар, кој "дува" со брзина меѓу 400-750 km/s.
Еве и еден парадокс. За разлика од енормно високата температура на сончевата корона, температурата на површината од Сонцето изнесува "само" околу 5500°C, па на неа можат да егзистираат некои материи растопени во течна агрегатна состојба.