Рубрика: Астрономија и астронаутика
Кометата на векот, сепак не преживеа?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 25.12.2013 - 16:26

Минатата недела, на 18 декември, вселенскиот телескоп Хабл за последен пат се обиде да ја најде кометата Исон. Како што очекуваа повеќето од астрономите, на добиените фотографии не постојат докази дека кометата Исон преживеала.
Првата слика претставува композитна фотографија добиена со комбинација од неколкуте набљудувања направени со телескопот Хабл. Доколку имаше нешто, некој дел којшто ја преживеал блиската средба со Сонцето, тоj би "стрчел", би бил сеприсутен и видлив на речиси сите фотографии на истото место. Но, се чини дека на сликите нема ништо што изгледа како парче од кометата. Она што е видливо на нив се ѕвезди што се движат низ рамката на кадарот додека телескопот се обидува да ја следи очекуваната евентуална позиција на кометата, а видливи се и линии коишто се направени од неколкуте галаксии што влегле во видокругот.
Другите објекти се состојат од добро познати артефакти коишто се создаваат од самата камера, потоа рефлектирана и расфрлана светлина од посветли ѕвезди и, секако, космички зраци, коишто при фотографирањето предизвикуваат светли ленти кои подоцна се видливи низ сликите. Секоја од четирите панели е комбинација на две различни експозиции. Доколку Исон беше присутна, таа ќе се прикажеше на истата локација во две или повеќе од овие кадри.
Следните две слики се резултат од композитно мешање на неколку фотографии направени со различна експозиција, при што двете се направени со насочување на Хабл кон две различни позиции. Сликите се комбинирани така што во заднина е потисната содржината којашто не се повторува на нив. На овој начин секој преживеан фрагмент од кометата би се појавил како појасен и посветол наспроти бледите линии што се должат на светлината од ѕвездите.
Имаше некои неизвесности во поглед на тоа во која насока да биде насочен Хабл за да се забележи кометата бидејќи таа не се појавувала на набљудувањата по поминувањето низ перихелот. Според астрономот Хал Вивер, кој ја осмисли стратегијата за набљудување со помош на Хабл, постоеја две можни локации на кометата, предвидени врз основа на претходните позиции коишто беа измерени додека кометата сè уште беше видлива. Д-р Вивер процени дека најбледите објекти коишто Хабл би можел да ги види на добиените слики ќе бидат со приближна магнитуда 25. Ова значи дека Хабл ќе можеше да ги "види" фрагментите од кометата чијшто дијаметар би бил поголем од околу 150 метри.
Сè уште не се исклучува можноста дека нешто сепак останало од Исон. Впрочем, ова беше видливо на фотографиите коишто настанаа веднаш по нејзиното поминување во близина на Сонцето, но светлите дамки што укажуваа на преживување на кометата набрзо потоа исчезнаа. Забележаната материја можеби сè уште постои, но веројатно се состои од многу дифузни гасови, прашина, и многу мали парчиња расфрлани на екстремно голема површина во просторот.

Клучни зборови: