Тука е!... Не е тука!... Тука е!... Не е тука! – Отприлика вака звучеше вчера Твитер доколку ја следевте дискусијата што се одвиваше под #ISON и #AskNASA за преносот во живо којшто го организираше НАСА ТВ од поминувањето низ перихелот на кометата Исон. За време на собирот организиран на страницата на НАСА, Google+, во живо можеше да се добијат одговори во врска со кометите воопшто, редовен извештај за положбата и прикажување слики за моменталната состојба на ИСОН од СОХО. Панел-дискутијата ја водеа астрономот Фил Плат, Ц. Алекс Јанг – соларен физичар, В. Дин Пезнел (соларен физичар вклучен во проектот на Соларната динамичка опсерваторија на НАСА) и Карл Батамс (астроном-експерт за комети и водач на кампањата на НАСА за следење на ИСОН).
Но, кој е конечниот заклучок? Па слично како и кај Шредингеровата мачка: тука е, но не е ;)
На првичните слики, додека кометата се движеше низ атмосферата на Сонцето, астрономите малку се разочараа од отсуството на "спектакуларното лајт-шоу" кое што требаше да се случи и за момент заклучија дека кометата "загина" при нејзината прва блиска средба со Сонцето.
Но по поминувањето низ перихелот, на сликите направени од мисијата SOHO LASCO C2 - во делот каде што требаше да продолжи орбитата на кометата ИСОН - се појавила бледа заматена линија. Ова ги изненади астрономите, но не ја промени нивната првична дијагноза, бидејќи и претходно се случувало остатоци од прав од опашот сè уште да се присутни и по смртта на кометата. Тие очекувале оваа "дамка" за кратко да ја снема, но наместо тоа, таа стана посветла. На најновите слики од SOHO LASCO C3 може да се забележи нешто што наликува на комета.
Карл Батамс и неговиот колега засега ја имаат следнава работна хипотеза:
Додека кометата се движела кон Сонцето, таа почнала да се распаѓа, губејќи можеби не огромни делови, но мошне големи парчиња. Има докази за големи количества прав во форма на долга тенка опашка, којашто можеше да се види на сликите од LASCO C2. Потоа ИСОН се внесе во короната, каде што продолжи да се распаѓа, да испарува и целосно ги изгуби комата и опашот, слично како кометата Ловџој во 2011 година. Потоа, она што излезе од зад Сонцето е мало, но се чини кохерентно јадро коешто продолжи да емитува прав и гас барем засега. Во суштина, се зголемува и должината на опашот, слично како што се случи со кометата Ловџој.
Иако теоријата има неколку дупки, засега се чини дека мал дел од Исон останал цел и активно ослободува материјал. Сè уште не се знае големината на неговото јадро и дали воопшто го има. Доколку има јадро, сè уште е рано да се каже колку долго тоа ќе преживее. Ако поживее повеќе од неколку дена, сепак е рано да се каже дали кометата ќе биде видлива на ноќното небо и колкав би бил сјајот.
Засега има многу непознаници, и потребно е да се стрпиме додека астрономите и физичарите ги изанализираат добиените податоци. Но во поглед на видливоста на преостанатото парче со голо око, тие се мошне скептични.