На сликата во прилог го гледаме Марсовиот кањон Hebes Chasma, всушност, огромна пукнатина направена од тектонска активност во најраната историја на Црвената планета. Сликата е всушност мозаик составен од осум поединечни фотографии направени од сондата на ЕСА, Mars Express, која орбитира околу Црвената планета. Осумте поединечни фотографии се направени при осум негови поединечни прелети над тој регион. Потоа фотографиите се составени во една мозаична целина којашто нуди најмногу детали во споредба со сите други досега направени слики на овој кањон.
Кањонот Hebes Chasma е длабок речиси 8 km, растегнат во должина од 315 km во насока исток-запад, со најголема широчина од 125 km во насока север-југ. Тој лежи на оддалеченост од 300 km северно од најголемиот Марсов кањонски комплекс, Valles Marineris, но, ниеден друг кањон на Марс нема карактеристики слични на оние што ги има Hebes Chasma. Имено, во неговиот средиштен дел е лоцирана чудна висорамнина, според географска терминологија т.н. mesa, чијашто рамна горна површина со стрмни странични ѕидови се издига до исто ниво со околната рамна површина. Тоа на пукнатината £ дава облик на затворена кружна линија околу рамната површина во средишниот дел, што е невообичаен облик за тектонските расцепи. Имено, вообичаено тие имаат облик на права или благо закривена линија. Потеклото на таквиот облик на Hebes Chasma не е сосема јасно, најверојатно тоа е поврзано со неколку фактори: тектонска активност, ерозија, присуство на вода и вулканска активност од блискиот вулкански регион Tharsis, во кој се издига вулканскиот врв Olympus Mons, висок 22 km , највисокиот врв меѓу сите планети во Сончевиот систем.
Што се однесува до хемискиот состав на Hebes Chasma, тој во себе вклучува вулкански материјал, прав одуван од ветар, но, има и траги/показатели, на езерски седименти наталожени со текот на времето. На ѕидовите од кањонот се препознаваат големи одрони од карпи, а помеѓу слоевите од страните на централната висорамнина се препознаваат седименти, кои најверојатно се наталожиле во присуство на вода. Имено, податоците од орбитерот Mars Express и од Mars Reconnaisance Orbiter на НАСА покажуваат дека некои делови од кањонот се испреплетени со минерални наслаги, кои можеле да се формираат само во присуство на вода, сугерирајќи дека во некој период од историјата на Црвената планета кањонот бил езеро исполнето со вода. Ете уште еден адут во прилог на воденото минато на Марс.