Дали ја кршите етикетата за однесување? Не говориме за одбирање на вистинскиот прибор за јадење или обраќање кон луѓето со соодветна титула, туку за употребата на преносната технологија во различни друштвени пригоди (социјални ситуации). Сите го правиме тоа – без разлика дали се работи за прегласен разговор преку мобилен телефон или, пак, обрнување повеќе внимание на нашиот лаптоп компјутер одошто на луѓето околу нас. Сепак, неодамнешното истражување нарачано од страна на Интел, а спроведено во Европа, Блискиот Исток и Африка (регион скратено обележуван како ЕМЕА – Europe, Middle East, Africa), открива дека стандардите за она што досега било прифатливо како социјално однесување се менуваат. Нивоата на толеранција на луѓето се покачуваат и употребата на преносната технологија во современиот живот е толку честа што ова создаде потреба од усвојување на нови правила на однесување.
Будење, кафе, па он лајн - утринско "твитање" со кроасан и кафе
Насекаде во регионот на ЕМЕА се будиме, го пиеме утринското кафе и ја проверуваме електронската пошта или ги правиме првите твитови уште пред да стапнеме надвор од куќната порта. Две третини (67%) од испитаниците потврдиле дека ги проверуваат преносните уреди уште пред да тргнат на работа, додека речиси четвртина (23%) признале дека ова го прават уште пред да го напуштат креветот. Ова станува нов стандард.
Проверувањето на Фејсбук статусот додека сте на кафе со пријателите или колегите нема да вознемири никого (само 7% ова го сметаат за проблем), "криумчарењето" на вашиот лаптоп компјутер за време на рекреативен викенд е исто така прифатливо од страна на повеќето луѓе (само 9% од нив се против) исто како и употребата на преносни уреди во спалната соба (само 7% од испитаниците приговориле за ова).
Сите ја согледуваме привлечноста на постојаната поврзаност со животот, виртуелно друштво, и можноста во секое време да бидеме во тек со настаните и меѓу првите да дознаеме за нив. Токму затоа ги простуваме инцидентите на отсутност кога некој ќе се судри со нас додека истовремено оди и пишува СМС порака (само 16% ова го сметаат за недозволиво). Нашата емоционална врска со преносните уреди е толку силна што дури преоѓа во некоја форма на зависност; е повеќе од 50% од нас попрво би ги "жртвувале" чоколадата или бонбоните за една недела отколку за овој период да се откажеме од драгоцениот уред. Преносната технологија стана составен дел од нашиот јавен профил, а нашите уреди честопати го покажуваат нашиот статусен симбол (54% од испитаниците се идентификуваат со ова).
Внимавајте на вашите "мобилни" манири
Сепак, постојат граници на она што е прифатливо при употребата на преносни уреди, па така остануваат некои места чија "светост" не сакаме да ја нарушиме. Ваков пример е масата за јадење која е посочена како место каде најмалку е пожелна употребата на преносната технологија – било да се работи за паметен телефон или лаптоп. Сè на сè, повеќето од испитаниците (61%) сметаат дека треба да се утврдат правила за однесување кои би ја одредиле употребата на преносни уреди во јавноста. Социјалните мрежи, на кои отпаѓа најголемиот дел од податочниот сообраќај на нашите преносни уреди, се најчесто вклучени во оваа потреба од утврдување на прифатливи манири кои се однесуваат на преносните уреди. Ова се должи на широката палета примери на кршење на етикетата. Употребата на нечија друга корисничка сметка за постирање на шега, прекумерното споделување на лични информации и "таг-ување" на фотографии од вашите пријатели со, во најмала рака кажано, несоодветна содржина, се само неколку од работите кои се посочени како дејствија на кои има најмногу приговори.
Од чисто практична точка на гледање, испитаниците ја изразиле нивната загриженост во врска со употребата на уреди во моменти кога тоа може да доведе до несреќен случај, 67% од нив како пример за ова го посочиле пишувањето на СМС порака додека се вози, или, пак, прегласното разговарање по мобилен телефон, што повторно 67% го сметаат за неприфатливо. Бројките растат уште повеќе кога истото ова прашање било поставено во Северна Америка, каде 73% од испитаниците ја искажале нивната загриженост за безбедноста. Дури една третина од испитаниците (33%) во регионот на ЕМЕА имаат толку цврст став по ова прашање што би поддржале забрана за употреба на преносни уреди на јавни места.
Женевјев Бел, соработник на Интел и директор на одделот за истражување на интеракција и искуство во Интел Лабс, коментира: "Истражувањето покажува дека додека употребата на преносни уреди сè повеќе се зголемува во многу од земјите, како општество и култура сè уште не сме го разрешиле начинот на кој уредите ќе се вклопат во нашите животи. Кога ги разгледуваме податоците од анкетата и почнуваме да ги разбираме фрустрациите, и во некој случаи забуните, околу тоа како преносните уреди се употребуваат, станува очигледно дека сè уште сме во рана фаза на осмислување на начинот како овие уреди и нивната употреба ќе се вклопат во нашиот свет. Овој вид на општествена регулатива, социјални правила и етиката на однесување, вообичаено се гради повеќе години, да не речам со генерации".
Ангели и ѓаволи на етикетата
Конечно постои и прашањето на недостаток на објективност кое нè засега сите. Брзи сме во тоа да ги критикуваме тие околу нас, но ни малку не сме среќни кога нашето однесување ќе се најде под лупа.
Кога испитаниците биле запрашани за нивниот личен начин на однесување при употреба на преносните уреди, но и за оној на поголемиот дел од популацијата во нивната земја, на виделина се кристализирал еден тренд. Низ целиот регион на ЕМЕА само 11% ги оцениле нивните сограѓани дека имаат извонредни манири кога е во прашање употребата на преносни уреди. Изненадувачки 50% од нив кажале дека нивната лична етикета кога се во прашање преносните уреди е одлична, покажувајќи дека постои вистински јаз помеѓу она како луѓето се доживуваат себеси, а како оние во нивната околина. Споредувањето на резултатите од ЕМЕА регионот со резултатите од истото испитување спроведено во Северна Америка покажува дека луѓето од регионот на ЕМЕА покажуваат повеќе верба во љубезноста на генералната популација. Во САД само 6% дале позитивна оцена за однесувањето на нивните сограѓани, додека изненадувачки 54% веруваат дека нивните лични манири се беспрекорни.
Коментирајќи ги резултатите од анкетата, Бел изјави: "Во истражувањето кое го спроведовме во Интел, го набљудувавме начинот на интеракција помеѓу луѓето и нивните преносни уреди. Се обидуваме да ја разбереме улогата која овие интеракции ја имаат во нашето секојдневие, а тоа подоцна влијае врз начинот на развој на нашите технологии. Знаењето за тоа што точно ги фрустрира луѓето е подеднакво важно како и откривањето што точно ги возбудува, бидејќи обете оставаат траен впечаток. Анкетата за етикетата при употреба на преносни уреди покажува дека мобилните уреди се тука за да останат во нашето секојдневие. Единствено треба да запомниме да ги почитуваме правилата на однесување при работа со преносни уреди."