Дека површината на Месечината е ишарана со чудни пукнатинки близу до нејзиниот екватор беше забележано уште во 1970 год. од страна на мисиите Аполо, но во најново време Месечевата сонда LRO (Lunar Reconnaissance Orbiter), лансирана во 2009 год., ја дополнила сликата на Месечевата површина со новооткриени пукнатинки на сите географски широчини на Месечината. Локациите на тие пукнатинки се покажани на сликата дадена во прилог, и тоа со бели точки се покажани локациите на пукнатинките откриени од LRO сондата, а со црни точки локациите на претходнооткриените пукнатинки од страна на Аполо мисиите. Лунарните геолози сметаат дека пукнатинките настанале како резултат од губењето на топлината на Месечевото јадро, па тоа контрахира, т.е. неговиот волумен се смалува, а со тоа се смалува и волуменот на целата Месечина. Но, сепак тоа смалување на волуменот на Месечината не е забележливо, имено нејзиниот полупречник се смалил за само стотини метри во последната милијарда години. Поопширни информации на оваа тема можете да најдете во ЕМИТЕР 3/2011 "Месечината се смалува".
Инаку, Месечината не е само "збрчкано" небесно тело, туку таа е и шокантно богата со разни минерали. Тоа го покажа една друга месечева сонда, LCROSS, "партнер" на претходнонаведената сонда LRO. Имено, таа открила околу 5% смрзната вода скриена во Месечевата почва, а на самата површина таа открила изобилство на минерали, вклучувајќи сребро, жива, натриум, калциум, магнезиум, како и испарливи гасови метанол, формалдехид, водороден сулфид...