Флексибилната, проѕирна и растеглива електроника е еден од најголемите предизвици со кои веќе неколку години се соочуваат многу научници и инженери во големите компании. Научниците Јонганг Хуанг од Универзитетот Нортвестерн и Џон Роџерс од Универзитетот Илиноис неодамна го објавија своето заедничко дело во кое ги опишуваат и ги демонстрираат своите растегливи батерии, кои претставуваат уште еден чекор во развојот на "флексибилни" гаџети и уреди.
Историски гледано, батериите со електроди направени од големи плочи графит и метал. Како што е познато тие, се нефлексибилни, крути и можат да се скршат. Исто така, повеќето од овие батерии содржат токсичен, течен електролит, поради што мора да бидат спакувани во цврста непропусна шасија за да се запре какво било истекување.
За разлика од нив, оваа нова флексибилна еластична батерија е составена од стотици мали ќелии поврзани со жици на еластичен силиконски супстрат. Елементите што ги содржи во основа се сосема мали стандардни литиум-јонски батерии, спакувани во рамките на заштитна силиконска обвивка. Батеријата во себе содржи жици што ги поврзуваат малите ќелии, но жиците се растегливи и не се кинат дури и кога батеријата ќе се растегне до три пати (300 %) од својата оригинална големина. Кога растегнувањето ќе престане, батеријата се враќа во својата оригинална форма и големина.
За тестирање, истражувачите изградиле батерија со големина од еден квадратен инч, а на таа мала површина биле сместени 100 индивидуални мали поврзани ќелии. Истражувачите велат дека батеријата издржала 20 циклуси на полнење/празнење со мала загуба на капацитетот, но дека сепак се потребни дополнителни напори за развој и за нејзино подобрување пред да биде подготвена за комерцијализација. Моќта на оваа нова, еластична батеријата не е многу висока – но со малку работа, велат тие, тоа може да биде доволно за напојување на неколку сензори и мал компјутер.
Хуанг и Роџерс демонстрирале батерија која напојува класична комерцијална ЛЕД-диода дури и кога батеријата е стуткана, извиткана, смотана или растегната. Батеријата е во состојба да даде доволно енергија за 9 часа работа пред да има потреба повторно да се наполни.
Научниците велат дека нивната батерија може да биде користена во идните флексибилни и преносливи гаџети, но се надеваат дека, пред сè, таа ќе најде голема примена во медицинските апликации и уреди и ќе може во смален облик да се имплантира и да се аплицира директно на ткивото од срцето и да служи како напојување за пејсмејкерите или за напојување уреди за следење на разни промени во човечките органи.