Денот на Пи (π) претставува ден кога се одбележува најпознатата математичка константа. Откаде токму овој ден, четиринаесеттиот мартовски ден е избран за ова чествување? Одговорот лежи во начинот на којшто американците ги бележат датумите – најнапред месецот, па потоа денот – па така 14.3. (четиринаесетти март) која-и-да-е година станува 3.14. која-и-да-е година. Последниов сплет од бројки ви се чини познат, нели?
Да, токму така, 3.14 = π, барем кога константата ја кратиме на две децимали ;)
Првото официјално одбележување на овој 'празник' е направено во сега далечната 1988 година, во научниот музеј во Сан Франциско (San Francisco Exploratorium), каде што работел физичарот Лери Шо кој е воедно и првиот организатор на настан што го одбележува ирационалниот број π. Прославата,меѓу другото, се состоела во јадење на овошни пити, бидејќи пита на англиски pie се изговара исто како и π – пај. 

Повремено во одбележување на денот се придружува и Google со соодветна 'чкртка', стилизирана верзија на логото познато како Google Doodle. Сѐ уште не е доцна да го одбележите овој ден и во чест на π да си се почестите со парче американска пита, или пак, да го погледнете филмот "Животот на Пи" или, ако се чувствувате школски расположени, да дискутирате со пријателите за значењето на овој број во науката, универзумот и животот, воопшто.
Како куриозитет на Википедија велат дека еден од најпрестижните технички универзитети МИТ (Massachusetts Institute of Technology) токму на овој ден ги испраќа писмата со кои ги изавестува идните студенти за позитивниот исход на нивната апликација, а да не заборавиме дека токму на овој датум е роден и Алберт Ајнштајн, во 1879 година.
Покрај Денот на π постои и ден којшто ја одбележува апроксимацијата на π, а тоа е 22 јули, што повторно се должи на тоа што датумот, овојпат испишан по европски стандарди, алудира на дропката 22/7 (22/7 ≈ 3,14) од којашто потекнува π.