Бремените жени изложени на два вообичени загадувачи се подложни на можноста да родат деца со деформитети на срцето, тврди епидемиологот Беате Роц од Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. Ова мислење таа го даде по споредбата на дневните мерења на загаденост на воздухот земени на 30 локации во Лос Анџелес со локалните записи при породувањета. Притоа, било забележано дека за жените кои живеат во област со висока концентрација на јаглероден моноксид и озон во воздухот, ризикот да родат дете со срцев деформитет бил трипати поголем од оној за жените кои живееле на местата со најмала загаденост. Во умерено загадените области, пак, ризикот бил двојно поголем од оној во најмалку загадените области. Вообичаено на илјада родени деца се раѓаат две со срцева мана која може да биде опасна по животот и бара оперативен зафат во текот на првата година од животот. Во најзагадените области овој број е зголемен на шест од илјада случаи. Ефектот е најверојатно и поголем од прикажаниот, поради тоа што најлошите случаи на срцеви дефомитети завршуваат со спонтан абортус. Сè уште не може да се каже кои од загадувачите се всушност најголеми виновници, бидејќи нивото на јаглероден моноксид може да биде и само показател за присуството на други штетни честички и хемикалии во воздухот. Но, интензитетот на ефектот е шокантен. Јаглеродниот моноксид е главно продукт на автомобилските издувни гасови, а во скоро секој урбан центар има концентрација на издувните гасови која е опасна за бремените жени.