Научниците од еден кинески универзитет објавија дека од генетски модифициран ориз успеале да издвојат еден вид протеин (албумин) кој го има во крвта на човекот.
Научниците најпрво генетски ги подготвиле зрната ориз со одредени хемиски постапки, а дури потоа оризовите зрна произведувале зголемена количина албумин, кој потоа бил издвојуван од нив.
За време на тестирањата, издвоениот албумин бил користен за лечење глувци заболени од цироза на црниот дроб. Резултатите од експериментот врз глувците биле слични со резултатите на оние кои биле лечени со истиот протеин што бил добиен од човечка крв. Ова е потврда дека протеинот од оризот има исти или многу слични физички и хемиски својства со протеинот добиен од крвта.
Откритието е многу битно бидејќи секоја година светот има потреба од 500 тона ваков хуман албумин. Во последните неколку години, например, Кина се соочува со голем недостиг од овој протеин. До сега овој протеин се издвојувал исклучиво од донирана крв.
Оваа откритие би можело да отвори нови перспективи за синтетичко производство на човечки протеин, тврдат научниците во студијата објавена во американскиот магазин Proceedings of The National Academy of Sciences.
Откритието е важно и од еден друг аспект. Истиов овој протеин, покрај за лечење тешки изгореници и болести на црниот дроб како што е цирозата, се користи и за вакцини кои се неопходни особено во сиромашните земји кај кои оризот успева во големи количини.