Блесокот на гама-зраци GRB 080319B детектиран од сателитот Свифт (Swift) на 19 март 2008 година е најдалечен космички објект теоретски видлив со голо око. Со мерење на црвеното поместување е установено дека блесокот се случил на оддалеченост од 7,5 милијарди светлосни години, што значи дека му требале 7,5 милијарди години за да стигне до Земјата, што е приближно половина од староста на вселената. Блесокот достигнал максимална привидна магнитуда од 5,8 и останал видлив со голо око околу триесет секунди. Блесокот е 2,5 милиони пати посјаен од претходниот најсјаен космички објект суперновата SN 2005ap. Блесокот на гама-зраци GRB 080319B е предмет на многубројни студии. Според една таква студија, блесоците на гама-зраци кои настанале веднаш по формирањето на првите ѕвезди можат да се видат од Земјата со помош на телескоп со пречник од еден метар опремен со инфрацрвени филтри.
Според друга студија, силината на блесокот делумно се должи на тоа што млазот на материја исфрлена од блесокот бил насочен кон Земјата. Ова дозволило проучување на неговата структура. Како што изгледа, материјата се исфрла во еден потесен и посветол конус и друг поширок и потемен конус. Ако и другите блесоци на гама-зраци се слични, ова значи дека кај нив главно се детектира потемниот конус, а многу повеќе од нив не можат да се детектираат со сегашните телескопи.
Инаку, GRB 080319B е втор од петте блесоци на гама-зраци детектирани тој ден со Свифт опсерваторијата, што е исто така рекорд. Има предлози овој блесок да се нарече Кларков настан во чест на писателот и научник Артур Кларк, кој починал само неколку часа пред блесокот.
На сликата е GRB 080319B во рендгенскиот дел на спектарот (лево) и во видливот/ултравиолетовиот дел на спектарот (десно).