Рубрика: Електроника
Симулација на електронски кола со LTspice (2): LTspice како платформа
Автор: Емилијан Иљоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 3/2012.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во првото продолжение видовме дека правилно користен, LTspice може да прерасне во моќна алатка која можат да ја користат и студентите, и проектантите, и љубителите на електрониката, односно видовме дека тој е од полза при разни нивоа на стручност. Во ова продолжение ќе направиме увид на неговата повеќезначност и на можноста истиот да го користиме како платформа за проектирање и анализа на електронските кола.

Тука веднаш морам да застанам и да објаснам една работа бидејќи многу електроничари поистоветуваат два различни поима: проектирање и реализација. Имено, поимот проектирање на некој уред го изедначуваат со неговата проста градба, или реализација ако сакате. Па затоа, на некој за нив необјаснив начин, електрониката која ја познаваат наликува на детска игра, или да кажеме нешто посериозно: електрониката им наликува на кулинарски рецепт до кој треба да се придржуваме за да добиеме одреден резултат! Односно, малку лук и малку магдонос на соодветно место, и специјалитетот е готов!
Овој привид е создаден од списанијата од типот на Емитер, кои за своите читатели нудат готови, односно веќе проектирани решенија кај кои и најмалата можност за грешка при реализација на ваков уред е детално разработена. На читателите им останува да го реализираат уредот со просто составување на предложените елементи. И тоа е многу добро, бидејќи проектите конципирани на овој начин се пристапни и до љубителите кои немаат некои подлабоки познавања од областа на електрониката.
Се разбира, зад оваа лежерност која поприма епски размери стои макотрпната работа на повеќе "тешки" професионалци, кои не само што треба да го проектираат уредот туку треба и да ги претпостават сите тешкотии на кои може да се наиде при реализацијата на истиот. Целата оваа работа можеме да ја поделиме на неколку фази:
1) Дефинирање на проектот во смисла на технички побарувања.
2) Проектирање на повеќе варијанти на електричната шема.
3) Дефинирање на предности и недостатоци на одредените варијанти, дефинирање на евентуални тешкотии при реализација на истите, како и донесување конечна одлука која варијанта да се реализира.
4) Проектирање на печатената плочка која го дефинира просторниот распоред на електронските компоненти, како и начинот на нивното поврзување.
5) Реализација на уредот.
Сега, кога се запознавме со основните фази на секој проект во електрониката, со мирна совест можеме да кажеме дека, ако сте заинтересирани само за реализација на одреден уред, не треба да го читате понатаму овој напис, туку едноставно треба да преземете некое готово решение од Емитер, или од некое слично списание и да го реализирате. Притоа, кога зборувам за преземање на готово решение, не зборувам за копирање на одредена електрична шема туку за преземање на целото решение. Имено, според мислењето на голем број проектанти, во електрониката, електричната шема не претставува повеќе од некои 15% од сите информации потребни за успешна реализација на одреден проект! Уште повеќе, на тие што ги имаат во глава оние преостанати 85% информации потребни за успешна реализација на проектот, воопшто не им треба да копираат некоја електрична шема бидејќи и таа ја имаат во глава!
Во што може да помогне LTspice при изработка на едно целовито решение? Се разбира дека LTspice не може да ги дефинира нашите цели и не може да ги претпостави техничките побарувања кои ги имаме за уредот што сакаме да го реализираме, но тој може да ни даде насоки за тоа какви резултати треба да очекуваме од одредена принципиелна шема. LTspice не може да ни нацрта идеална електрична шема согласно со нашите потреби, но со негова помош можеме да ја анализираме електрична шема која сме ја смислиле и по потреба да ги менуваме нејзините параметри.

Клучни зборови:

Пристап до тест-конфигурацијата на секој макромодел

Едноставна анализа на влијанието на одредена компонента

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.