Рубрика: Електроника
Quo vadis electronicae? (1)
Автор: Емилијан Иљоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 2/2011.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


21. век се заканува како никогаш досега да го смени лицето на електрониката. Не само што наскоро ќе можат да се изработуваат помали и побрзи транзистори и интегрирани кола, туку и тие нема веќе да бидат изработени од силициум, материјал кој суверено владее во електрониката речиси 50 години!

Во 1965 година ретко кој му веруваше на еден од основачите на Интел и пионер во електрониката Гордон Мур (Gordon Moore). Тој тогаш предвиде дека сложеноста на интегрираните кола ќе се зголемува двојно секои две години. Технолошкиот напредок ќе дозволи транзисторите постојано да се намалуваат по габарит. Електричните сигнали ќе треба да патуваат низ сè пократки патеки за да ги проследат информациите, па брзината на нивното процесирање рапидно ќе се зголемува. За само неколку години владеење на Муровиот закон, и на најпесимистички настроените скептици им стана јасно дека тој е неминовна реалност на современиот свет.
За електронската индустрија, како и за потрошувачите, Муровиот закон стана појдовна точка за пресметка колку електронските кола ќе бидат помали и поевтини за одреден временски период. Тоа беше закон кој постојано ја поттикнуваше дигиталната револуција да се покорува на неговите правила и по цели 40 години владеење, на средината на минатото десетлетие, конечно стана јасно дека овој закон веќе тешко е применлив.
Сепак, инженерите знаеја дека овој Закон ќе наиде некогаш на непремостлива препрека. Габаритот на транзисторите ќе се намали до тоа ниво така што тие ќе бидат составени од само неколку десетици атоми и нема да можат понатаму да се минијатуризираат. Основните физички закони ќе наметнуваат ограничување и процесите за производство на интегрирани кола базирани на фотолитографија нема да можат да ја следат минијатуризацијата. Тоа и се случи при премин на технологи помали од 100 nm каде што треба да изработиме објекти со помали димензии од брановата должина на светлината со која ги експонираме маските (за фотолитографскиот процес види во Емитер бр. 1/11 – страница 52 и 53). Се разбира дека тука основна пречка е физичкиот закон наречен дифракција, но тоа не е единствената препрека. Зголемувањето на бројот на транзистори по единица површина неминовно води кон два многу сериозни проблеми:
Прво, бројот на употребливи чипови се намалува за сметка на неисправните, што ја зголемува цената на чинење и
Второ и многу побитно, големата густина на транзистори по единица површина создава непремостливи проблеми при одведување на топлината создадена од нив.
Но, минута пред да се прогласи Муровиот закон за мртов, електронската индустрија исфрли неколку иновации кои му го продолжија животот. Тоа во прв ред е сместувањето на повеќе чипови во едно интегрирано коло со што се запази начелото за двојно зголемување на сложеноста секои две години. До кога – останува да видиме.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 2/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.