СОРАБОТКА СО ЕМИТЕР

Објавете свој проект или статија во ЕМИТЕР!

Почитувани љубители на науката и техниката, 
ЕМИТЕР, единственото македонско месечно списание за популаризација и примена на науката и техниката, Ве поканува и Вие со Ваш проект или статија да ни се придружите во нашата мисија за развој на научно-техничката култура во Македонија и за поттикнување љубов кон техниката и природните науки. Ако имате длабоки стручни познавања од некоја научно-техничка област, ако имате изработено некој уред кој одлично функционира, ако имате солидни практични и стручни познавања од некој занает, тогаш не чекајте – понудете Ваш проект/статија и придонесете во збогатувањето на содржините на ЕМИТЕР. 
Автори на написи можат да бидат сите напредни студенти, напредни хобисти (аматери), инженери, наставници, асистенти, професори, магистри и доктори на науки и сите останати на кои секојдневието им е исполнето со наука и техника и имаат што да им понудат на нашите читатели. 

Зошто да објавите проект и/или стручен напис во ЕМИТЕР? 
Причини има повеќе но, во оваа пригода, ќе наброиме само неколку. Како што професорите, пријателите, напредните колеги, книгите и списанијата Ви помагаат да усвоите знаења и вештини кои ќе Ве профилираат во животот како личности, професионалци и мајстори на својот занает, коректно е и Вие да се обидете дел од своите стекнати знаења и вештини да ги пренесете на другите со цел за подигнување на техничката култура на нашиве простори и за општа благосостојба. Исто така, мошне значајно е што со секој објавен проект и напис растат Вашиот професионален рејтинг и портфолио на кое можете во иднина да се повикате во случај на конкурирање за работно место, конкурирање за финансиска помош/партиципација за некој Ваш стручен или научен проект, истражување, инсталирање производство и слично. Стекнувате вештини во излагањето и развивате моќ на убедување/придобивање на пошироката публика – нешто што би било секојдневие во Вашиот понатамошен професионален ангажман како инженери, иноватори, менаџери, асистенти, професори и слично. Понатаму, големо е личното задоволство што токму Вашата самоградба или напис е објавен во стручно списание и претставува пример како треба да се изработи уредот и како треба да се размислува, осознава или толкува некое научно достигнување, производ, иновација, патент и сл. Конечно, тука е и Вашиот хонорар кој, иако е на типично македонско ниво, сепак нуди одредена сатисфакција за вложениот труд. 
Исто така, секогаш имајте на ум дека со објавувањето свој напис пренесувате драгоцени знаења и искуства кон сите читатели на ЕМИТЕР и дека за многумина од нив тие се од насушна потреба, вистинска драгоценост која отвора нови порти во науката и техниката. Нема ништо подоблесно и почовечко отколку да се пренесе своето знаење на оние на кои тоа им е најпотребно. ЕМИТЕР е вистинската инстанца со чија помош можете тоа да го реализирате. 

Како Вашиот проект/напис да се најде на страниците на ЕМИТЕР? 
Основа за Вашиот напис може да биде уред/конструкција/проект кој практично сте го изработиле, веќе напишан семинарски труд, истражување кое го спроведувате или, пак, дел од обемните информации и знаења кои досега сте ги собрале и усвоиле. За тоа да го преточите во стручен напис, потребни ви се само Word-шаблонот на ЕМИТЕР и краткото упатство за подготовка на написите, кои можете да ги преземете подолу од оваа веб-страница. Шаблонот и Упатството на едноставен, ефикасен и гарантирано успешен начин ќе Ве водат во креирањето на Вашиот напис во согласност со стандардите на ЕМИТЕР. Редакцијата на ЕМИТЕР, пак, секогаш ви стои на располагање за какви било прашања и помош во врска со организацијата и техничкото уредување на Вашиот напис и придружните цртежи и слики. Пишувајте ни на urednik@emiter.com.mk или контактирајте нè на тел. (02) 3115-111. 

Конечно: 
1. Наша заедничка цел е Вашиот напис да има што е можно повисок квалитет. Тоа е лесно остварливо со користењето на нашиот Word-шаблон, креиран специјално за оваа намена, како и со несебичната помош од редакцијата на ЕМИТЕР. Креирањето напис од формално-технички аспект, во согласност со стандардите на ЕМИТЕР, никогаш не било полесно. Во тоа и самите ќе се уверите. 
2. Секој квалитетен напис ќе биде објавен во ЕМИТЕР, а на авторот му следува хонорар според правилникот за хонорари на списанието. Авторот, со самото испраќање на материјалите ги отстапува издавачките права, како и правата за редакциска обработка, измени и дополнувања на пристигнатите написи. Авторските права остануваат на авторот. 

Надминете ја критичната бариера на пасивност и преминете на повисоко рамниште на делување. Објавете свој проект или напис во ЕМИТЕР! 
Ве очекуваме.
 

Со срдечен поздрав, 
Ваш ЕМИТЕР

 

Датотеки за превземање:

* најавете се за да можете да ги преземете датотеките