Во рубриката ЕУРЕКА се објавуваат научни и стручни трудови, пронајдоци, иновации и нови теории од македонски автори. Рубриката ЕУРЕКА има два дела.
Првиот дел е наменет за објавување научни и стручни трудови, претходно одобрени од страна на стручни рецензенти и индексирани – исто како во секоја друга релевантна научна периодика во светот. Научните трудови вообичаено се објавуваат во зборници кои ги издаваат стручните и професионалните здруженија (на пример, Здружението на лекари), но постојат и независни научни списанија од општ тип, како што се Nature или Science. Во Македонија постојат различни професионални здруженија, кои издаваат свои стручни списанија или зборници на научни трудови. За жал, повеќето од нив излегуваат многу ретко (1–6 броја годишно) и во многу мал тираж, па во нив навистина е многу тешко да се продре, меѓу другото и поради некои непотребни и неоправдани бирократски (или други) пречки или одолговлекувања. Токму затоа, ЕМИТЕР им овозможува на сите научни работници во Македонија уште еден простор за објавување на нивните научни трудови, ослободен од сите непотребни пречки, но со задржување на сите неопходни (високи) стандарди кои важат во оваа област. Дополнителна придобивка е неколкукратно поголемиот тираж на ЕМИТЕР во однос на постоечките зборници, овозможувајќи пристап на научниот труд до многу побројна публика.
Вториот дел од рубриката ЕУРЕКА е наменет за претставување пронајдоци, иновации и нови теории од нашите читатели. Овие трудови нема да бидат подложени на селекција или одобрување од страна на рецензенти, ниту, пак, од страна на Редакцијата на ЕМИТЕР – овој дел од рубриката е потполно слободен за сите оние кои мислат дека имаат креирано нешто оригинално и претставува единствена можност пошироката публика, но и заинтересираните фирми и институции, да дознаат за достигнувањата на македонските иноватори и теоретичари.
Со оглед на тоа што ЕМИТЕР не добива никаква државна дотација, авторите на трудовите кои ќе бидат објавени во рубриката ЕУРЕКА ќе треба да партиципираат во трошоците за објавување на своите трудови што, впрочем, е вообичаена практика кај нас и во светот за зборниците и списанијата што објавуваат научни трудови, пронајдоци, иновации, нови теории... Но, за разлика од другите, ние одлучивме авторите (или институцијата/фирмата во која работат, или некој нивен спонзор) да платат само онолку колку да се покријат трошоците за печатење на трудот. Со други зборови, ЕМИТЕР се откажува од профит за оваа рубрика, со цел објавувањето на трудовите да биде достапно за поширок круг автори!
Оние што се заинтересирани да објават свој труд во рубриката ЕУРЕКА треба да се обратат до Редакцијата на ЕМИТЕР на e-mail: urednik@emiter.com.mk или на телефон (02) 3115-111, каде што ќе ги добијат сите потребни информации и упатства за обработка на текстот, графиконите и сликите.
Рубриката ЕУРЕКА, освен како простор за афирмација на делата на македонските научници, пронаоѓачи, иноватори и теоретичари, е замислена и како поттик за размена на мислења. Затоа, ги повикуваме сите читатели своите коментари за објавените статии слободно да ги достават до Редакцијата или на форумот на нашиот веб-сајт.