Звучници со 12-инчни драјвери

Здраво Емитер,

Би сакал да купам hi-fi бас драј­вери до 12 инчи, средна класа (т.е. поевтина варијанта), за само­градба, па би сакал да знам ка­де има вакви компоненти во Македо­нија, или да ми предложите некоја интернет-страница со евтина до­ста­ва.

Однапред благодарам,

Даниел

 

Во последниве 25 години, во hi-fi техниката речиси воопшто не се сре­ќа­ваат звучници што користат 12-инчен бас драјвер, освен некол­ку екс­трем­но скапи модели од high-end езотеријата, со цена над 5000 евра за еден пар. Причините за тоа се мно­губројни, а една од нив е големиот габарит потребен за так­ва звучна кутија. Но, тоа се причини произле­зени од испитувањата на пазарот, според кои се раководат големите компании што произ­веду­ваат звуч­ници. Индивидуалните пот­реби не мора да бидат во тој ка­лап на потро­шу­вачките трендови, па сметам дека ова прашање за 12-инчен нискотонец е насочено кон задоволувањето на некои сосема специфични барања. Сепак, за да можам да дадам прециз­ен одговор, треба да ги знам мотиви­те за бара­њето за толку голем бас-звучник, односно кои се тие специ­фични ба­рања?

Дали намерата е да се добие што подлабок бас (пониска фрек­вен­ција), или намерата е да се до­бие што погла­сен бас? Или и двете? И за двете барања се подразбира дека волу­мен­от на кутијата ќе биде голем. Колкав е најголемиот во­лумен (димензиите) на звучната кутија што е прифатлив? Колку дла­бок бас мора да се добие - колку Hz треба да биде долната гра­нич­на фреквенција? Колкав макси­мален звучен потисок (SPL - Sound Pressure Level) треба да се добие? Пос­лед­ново прашање зависи од два фак­тора истовремено - максималната моќност на засилувачот и осет­ли­воста (ефикасноста) на звучникот. Колкава максимална излезна моќ­ност има засилувачот што ќе се користи?

Со оглед на тоа што не спом­навте ништо од погоре наведеното, претпоставувам дека ништо друго не е важно, освен да биде 12-инчен нис­ко­тонец. Значи, останува само цена­та. Тука морам да нагласам дека цената најчесто е тесно повр­зана со квалитетот на звукот. Ед­нос­тавно, не може да се очекува квалитет од евтин 12-инчен звуч­ник, па затоа забора­вете на сите кинески, корејски, тајван­ски и слич­ни звучници (Simsonik, Tele, ...). Нај­евтиниот 12-инчен нискотонец за кој сигурно знам дека има одличен квалитет е Beyma 12BR70. Шпан­скиот производител Beyma е познат по ква­ли­тетот на своите производи и по особено прифатливите цени, па токму затоа користам нивни звуч­ници во голем број мои проекти. Ниското­нецот 12BR70 можам да го понудам по цена од 90 евра за едно парче. Не знам што подразбирате под “средна класа” и “поевтина ва­ри­јанта”, но секој 12-инчен ниско­тонец со цена пониска од 90 евра сигурно спаѓа во најниската можна класа и тешко дека би можел да се нарече hi-fi. Сепак, постои еден исклучок - постојат добри 12-инчни сабвуферски нискотонци наменети за автомобили (со номинал­на им­педанса од 4 оми), производ на ре­но­мирани фирми (Pioneer, Infinity, Kenwood и други), што можат да се најдат по пониска цена, дури и за 55 евра. Но, таквите сабвуферски драј­вери не ги препорачувам за употреба како нискотонец во кла­сична три­појасна hi-fi звучна кутија (со средно­тонец и високотонец), бидејќи тие најчесто не можат да испорачаат ква­литетни средни то­но­ви до опсегот над кој средно­тонецот треба ја преземе работата (обично 500 - 800 Hz). Тие се добри само за сабвуфери.

На крајот, не заборавајте дека изборот на нискотонец е само еден мал дел од проектирањето на ком­плетен звучнички ситем. Тука спаѓа проектирањето на кутијата (каби­не­тот), изборот на среднотонец и ви­со­котонец, и најважното - про­ек­ти­рање на свртницата. Сето тоа е не­во­з­мож­но без акустички мере­ња и многу знаење. За понатамош­на по­мош, пи­шете на contact@audioexpert.com.mk.

Владимир Филевски

 

Здраво г. Филевски,

Мило ми е што се заинтере­сирав­те и што толку опширно одго­воривте. Имам многу слушнато и прочитано за вас и благодарам што уште има вакви луѓе што им пома­гаат на аматерите како мене.

Аудио опремата е мошне ска­па, а јас немам толу финансии, но со тек­от на времето успеав да се стекнам со следниве компоненти, со кои се гордеам: A/V рисивер Sony STR-DA50ES, засилувачи Pioneer A-676 R и Audion A475 (2h120 W /8 оми), subwoofer Jamo SW 410E и звучници Visonik VSL 143 (со 10-инчен бас), Canton Fonum 501 и Canton Piano 3.

Бидејќи кутиите (кабинетите) се оштетени, идејата ми беше да им направам исти такви кутии (по во­лу­мен) и да се “поиграм” со сите звуч­ници, плус да додадам некој 10 или 12-инчен нискотонец, па да нап­равам кутии во стил на скапите аудиофилски звучници во неколку “ката” (како на фотографиите што ги доставувам) – на пример, најгоре 10-инчниот ниско­тонец од Visonik, на средината двата звучника Canton и долу некој ниско­тонец Beyma во соодветна кутија.

Би прашал за Вашето мислење за ова, или можеби не оди тоа така како што мислам?!

Однапред благодарам

Даниел

 

Сега работите веќе се појасни - не се работи за перформансите, туку единствено важно е кутијата да има 12-инчен бас заради из­глед­от. Но, како што веќе објаснив, не може така едноставно “само да се додаде” 12-инчен нискотонец, туку мора да се направи комплетно нов проект, со нова свртница и нова, заедничка кути­ја со повеќе од­де­лени комори.

Воопшто не е проблем да се нап­рави звучнички систем што ќе биде сличен на звучниците дадени на фото­графиите, само треба да се располага со соодветни драјвери. За една таква звучна кутија пот­ребни ни се: еден високотонец (во средината), два иден­тични средно/нискотонци од 4 до 8 инчи (пос­тавени непосредно над и под висо­котонецот) и два нискотонца од 10 или 12 инчи (поставени најдолу и најгоре). Тоа може да се постигне само во случај ако Canton Fonum 501 и Piano 3 имаат идентични средно/нис­котонци.

Владимир Филевски

 

Идејата ми беше звучниците Canton Fonum 501 и Piano 3 да се постават еден над друг, секој во свој нов каби­нет (со волумен ист како постоечки­те), а да се иско­ристат нивните сврт­ници и да се поврзат во серија бидејќи и двата се 4 оми (за да добијам 8 оми) и да се поврзат со рисиверот Sony. По­тоа, звучниците Visonik VSL 143 да бидат најгоре, во посебна нова ку­тија со ист волумен како пос­тоеч­ката и да се поврзат со засилувачот Pioneer, кој ќе зема сигнал од pre-out од рисиверот Sony. Сакав да го на­дополнам целиот тој столб во дол­ниот дел уште со еден 10 или 12-инчен бас, во посебна кутија и со свртница, поврзан со рисиверот Audion, кој ќе зема сигнал од rec-out од засилувачот Pioneer.

Можеби е малку комплици­ра­но, но се надевам дека ќе ме сфа­ти­те – значи целиот звучнички столб ќе се состои од 4 кабинети, кои ќе се напо­јуваат од 3 засилувачи.

Инаку, имам софтвер за пре­смет­­ка на кутии, се вика BassBox Pro и мислам дека би ми завршил работа за пресметка на кутија за новиот нис­котонец.

Би ми значело Вашето мис­ле­ње за целокупниот проект.

Даниел

 

Тоа што сакате да го напра­вите не е комплицирано, напротив – многу едноставно е за сфаќање, но е многу погрешно!

Од електрички аспект, пог­реш­но е да се поврзуваат сериски два раз­лич­­ни звучника! Дури и ако има­ат иден­тични драјвери и идентични сврт­ници (што ми изгледа дека е случај кај Canton Fonum 501 и Piano 3), волумените на кутиите (каби­нетите) им се различ­ни, што значи дека на исти фреквен­ции нивните импеданси ќе се разлику­ваат во басовите, предизвикувајќи при се­рис­кото поврзување голем дис­ба­ланс на напоните што одат на секој бас/среднотонец, а тоа ќе резул­тира во голем акустички дисба­ланс, а мож­но е и оштетување на бас/средно­тонците.

Од акустички аспект, погреш­но е да се наслагаат звучни кутии една врз друга, како што планирате – сеедно е што тоа би била еди­нечна нова кутија со посебни ко­мори, крајниот ефект е ист. Кон­цепцијата со два (или три) висо­котонца поставени на големо рас­то­јание е сигурен рецепт за ката­строфална акустичка интерфе­рен­ција (ефект на “чешлест” филтер). Истото важи и за бас/средно­тон­ците. Освен тоа, тоновите од звуч­никот од 10 инчи ќе се мешаат со оние од звучниците од 8 инчи, ако не се направи нова свртница за нив. Погледнете ги пов­торно фотогра­фиите што први ми ги испративте – таму има само еден високотонец, а среднотонците се горе и долу над него и се поставени што е можно поблиску до високотонецот, а дури потоа, над и под среднотонците се поставени нискотонците. Само на тој начин може да се избегне ефект­от на “чешлест” филтер.

Единствен правилен концепт е следниов: во средината ќе има еден високотонец од Canton Fonum 501, под него ќе биде калотниот среднотонец од Visonik VSL 143, над високотонецот и под среднотонец­от ќе има по еден бас од 8 инчи од Canton, сериски повр­зани (под прет­поставка дека басовите од Fonum 501 и Piano 3 се идентични), најгоре ќе биде басот од 10 инчи од Visonik VSL 143, а најдолу басот од 10 или 12 инчи (што допрва треба да го набавите). За жал, не може да се иско­ристи високотонецот од Visonik VSL 143 (заедно со неговата сврт­ница) бидејќи на фотографијата забележав дека постои видливо физичко оштету­вање (нагмечува­ње) на неговата ка­ло­та. Мора да се направи нова кутија со една заед­ничка комора за басо­вите од 8 инчи и со две различни ко­мо­ри за басо­вите од 10 инчи и 12 инчи. Исто така, мора да се конструира нова свртница за целиот звучнички сис­тем. Ваквиот звучнички систем ви­зуел­но ќе делува дури и помоќно од моделите на фотографиите.

Можна е и малку поедноставна (и поевтина) верзија, без допол­нител­ниот бас од 12 инчи. Во тој случај басот од 10 инчи би дошол долу, на­мес­то горе. Ваквиот звуч­нички сис­тем визуелно исто така ќе делува моќно.

Владимир Филевски

 

Ви благодарам што се трудите сè да ми објасните коректно, па сега ми е малку појасно. Жал ми е што не може да се изведе така како што замислив. Како што реков, не рас­полагам со големи финансии, па ќе треба да продадам нешто и да собе­рам повеќе пари. Најдобро ќе биде да купам пот­полно нови драјвери. Бидеј­ќи ја зас­тапувате фабриката за звуч­ници Beyma, би сакал да ми направите една ваша конфигурација од нив - со еден високотонец, два средно/ниски 6,5 инчни драјвери и два нис­ко­тонци од 10 инчи (по кутија), сврт­ница за нив и колку би ме чи­нело тоа?

Или, како втора варијанта, ако ги искористам само моите стари звуч­ници – што ќе добијам со нив и колку ќе чинат новите свртници и вашите трошоци за инженеринг?

Уште еднаш Ви благодарам за Вашето трпение.

Даниел

 

Сега барате цел сет потполно нови драјвери, и тоа од високо­профе­сионален производител, со цени аде­кватни на тој квалитет. Целиот тој нов сет драјвери од Beyma, заедно со нови­те свртници и трошоците за мојот инженеринг, заедно со еден пар голе­ми звучни кутии, вкупно ќе чини 1800 евра. За луксузен финиш на кутиите цената е уште повисока. Предноста на овој нов систем би била во екстремно високата осетливост од 102 dB/2,83V/1m и моќност од 500 Wrms (синусна моќност).

Со старите звучници ќе го до­биете токму она што го очекувавте на самиот почеток, кога се обра­тивте со првото прашање за вашата идеја. Ќе добиете hi-fi звук иден­тичен на пос­тоечките звучници Canton и Visonik, со осетливост од 88 dB/2.83V/1m и макси­мална моќност од 160 Wrms. Ќе треба да се направи еден пар големи звучни кутии (ка­бинети) и еден пар нови сврт­ници. Новите кутии и свртници ќе чинат приближно исто колку кутиите и свртниците за концепцијата со сите нови звучници Beyma. Трошокот за мојот инженеринг исто така ќе биде ист.

Владимир Филевски

 

Доста размислував за тоа што ми го кажавте и се откажав од тој проект. Искрено, ми делува скапо, а и не ми кажавте точна цена за сврт­ницата и за инженерингот. Се­га размислувам да ги задржам са­мо Canton Fonum 501, но да ги заси­лам со два сабвуфера со драјвери Beyma 12BR70. Кутиите сам ќе ги направам, па би сакал само сврт­ници за нив. Дали можете да ми кажете цена за свртниците и дали свртниците заедно со драјверите Beyma можете да ми ги испратите по пошта?

Даниел

 

Ако веќе ви паднала на памет идеја за комплициран и габаритен high-end проект со комплетно нов сет професионални драјвери Beyma, не знам како тоа очекувавте да не ве чини скапо?! Најпосле, цената од 1800 евра за тој проект воопшто не е скапа во однос на квалитетот и перфор­мансите што ги нуди.

Како и да е, јас Ви понудив и многу поевтин проект во кој би ги искористиле сите Ваши драјвери, евен­туално дополнети со уште са­мо еден 12” бас (по кутија). Не ми е јасно зошто се откажувате и од овој кон­цепт, кога од самиот по­четок и онака планиравте нови ку­тии за овој проект?! Уште повеќе, сега планирате сами да ги изра­ботувате кабинетите, па единствен „надворешен” трошок би била само цената за мојот инже­неринг и це­ната за новите свртници. Патем кажано, дали воопшто некогаш до­се­га сте направиле звучна кутија? Ако не, потсетете се на старата на­род­на мудрост за двапати пла­ќањето!

Цената за мојот инженеринг из­несува само 3000 денари (иста е и за двата проекта) - мислам дека е довол­но ниска за да не биде при­чина за откажување. За свртниците е невоз­можно однапред да се пред­види точ­ната цена, бидејќи тоа за­виси од ре­зул­татите од мерењата (што допрва треба да се направат), но би требало да чинат најмногу 200 евра за пар (толку ставив во понудата од 1800 евра за другиот проект). Повторно, не ми е јасно зошто се откажувате сега, кога уш­те пред три писма Ви кажав дека тре­ба да се направат нови сврт­ници. Претходно Ви објаснив дека за да се направи свртница треба прво да се направат акустички мерења. Тоа зна­чи дека мерењата на драј­верите се вршат само во готова (нова) кутија од проектот, а не во некоја друга тест-кутија. Значи, прво треба да ја напра­вите новата кутија од проектот, а потоа да ми ја доставите во Скопје (доволна е една кутија) заедно со сите пот­ребни драјвери (за една кутија). По извршените мерења ќе ја проек­тирам свртницата, и дури тогаш ќе се знае колку точно треба да чини свртни­цата. На крај, потребни се допол­ни­тел­ни трошоци за транспорт на кути­јата и драјверите на­зад.

Сега барате сосема трет кон­цепт, што нема никаква врска со пр­во­битната Ваша идеја за атрак­тивни и големи звучници. Сега ба­рате само еден пар сабвуфери – зошто? Ви не­дос­та­суваат басови кај звучниците Canton Fonum 501? Колку длабоки ба­сови Ви се пот­ребни, колку Hz? Која јачина на звуч­ниот потисок? Гледате дека повторно се враќаме на истите мои прашања (на кои не добив од­говор) од мојот прв одговор до Вас.

Нема да Ви продадам басови Beyma, туку ќе ви го препорачам нај­ев­тиното можно (квалитетно!) реше­ние за овој Ваш трет проект: прво купете 12-инчни басови Pioneer TS-W303R или Magnat Xpress 12 по цена од околу 3500 денари (за еден). Второ – направете кутии за нив. Трето – па­сивна свртница за сабвуфер е пот­полно неадекватно решение, тука мора да се употреби активен филтер, па затоа нап­ра­вете го проектот “Акти­вен филтер за сабвуфер” од ЕМИТЕР 7-8/2004.

Пријатно слушање!

Владимир Филевски