Голем поздрав до редакцијата, соработниците и до читателите на нашето омилено списание ЕМИТЕР! Јас сум дипломиран инженер по електротехника, на насоката за електроника и телекомуникации. Започнав да го читам ЕМИТЕР почнувајќи од првиот број во новото издание (2002 година). По повеќе од една деценија користење на написите во ЕМИТЕР, Ви се обраќам со едно конкретно прашање. Мене ми е потребна професионална апликација за дизајнирање плочки со печатени кола (ППК). Имајќи предвид дека во секој број на ЕМИТЕР се објавуваат по неколку проекти, ме интересира која специјализирана програма Вие ја користите за Вашите сопствени потреби во редакцијата?
Пред неколку години во ЕМИТЕР имаше серијал написи за апликацијата Eagle, во рубриката за електроника. Поради недостаток на време, не го побарав конкретниот број на ЕМИТЕР во годишниот регистар. Дали Вие користите апликација за цртање со општа намена, како што е на пример CorelDRAW? Во тој случај, Вам секако Ви се неопходни специјализирани библиотеки со нацрти за електронските елементи и нивните параметри како што се: димензии на водовите, типови на пакувањата, растојанија меѓу контактите на куќиштата и така натаму (слично како во каталозите).
Јас ја посетив интернет-страницата www.cadsoftusa.com и од неа ја презедов апликацијата Eagle 6.3 Light, којашто е Freeware верзија само за образовни и некомерцијални потреби, но од неа јас воопшто не сум задоволен, и тоа од повеќе аспекти коишто јас ќе ги наведам:
На пример, функцијата Auto - router е деактивирана, со што не можат да се исцртаат крајните водови, ниту пак да се вметнат краткоспојници по потреба, без разлика дали се работи за еднострана или двострана изведба, што пак е главната цел за користење на компјутерот. Понатаму, неопходно е да се врши усогласување со сигналната шема којашто паралелно се црта, без разлика дали таа е потребна или не (ако веќе располагаме со претходна верзија).
Користејќи ја апликацијата, јас увидов дека библиотеката со електрични симболи не е целосно компатибилна со библиотеката на електрични елементи - придружувањето не е еднозначно. На крај, возможна е само машинска изработка, а не и печатење на печатар во домашни услови. Имајќи предвид дека Eagle се развива веќе 25 години, воопшто не сум воодушевен од неговите можности, уште повеќе што се смета дека тоа е најдобрата програма од својата област.
За цртањето на елементите во слободен простор, а не во ограничени димензии, немам коментар. Потоа ја посетив интернет-страницата www.altium.com (ребрендиран Protel), но набрзо увидов дека таму воопшто не постои можност за преземање на апликацијата, дури ни за ограничен тест-период (нивниот принцип на работа е: What You Pay Is What You Get).
Поради тоа, јас Ве молам да ми помогнете со Ваш совет и одговор на конкретниот проблем.
Однапред Ви благодарам за издвоеното време и труд за решавање на отвореното прашање.
Филип Георгијев
Кога се работи за EDA (Electronics Design Automation) софтвер, односно софтвер за дизајнирање плочки со печатени кола, денешната ситуацијата е многу јасна, особено по пропаѓањето на Protel со неговата легендарна програма Protel 99 и неговото купување од Altium. Денес, од сите тие стари, но навистина добри програми за автоматизација на проектирањето на електронски уреди остана само Eagle на Cadsoft (http://www.cadsoftusa.com/) кој колку-толку им парира на Altium designer (http://www.altium.com/) и PADS на Mentor Graphics (www.mentor.com). Сите овие програми се навистина “солени” и ќе треба да издвоите 1000 до 5000 американски долари за некоја понапредна варијанта со навистина корисни библиотеки на електронски компоненти.
Сепак, и кога ќе издвоите токлава сума, многу бргу ќе констатирате дека авторутерите на тие програми се далеку од она за што би можеле да дадеме “преодна” оцена и додека за двослојна и повеќеслојна плочка би можеле да бидат од некаква корист, за еднослојна плочка се потполно неупотребливи! Сепак, денешното ниво на AI (Artificial Intelligence) е далеку од тоа да може да конкурира на “интелигенцијата” - односно умештвото на некој просечен професионалец во “занаетот”. Значи, и овие “скапи” алатки нема да можат сами да ја свршат работата, туку тие се тука за Вие да можете да ја завршите работата побргу и со помалку труд. Од тој аспект, јас воопшто не сум разочаран од овие “алатки” и од нивната функционалност: научен да ги работам работите “рачно” - со летрасет и графички филмови, дури и “простите” EDA програми од доцните осумдесетти години од минатиот век, за мене претставуваа големо олеснување, а да не зборуваме за Protel 99, кој според можностите не се разликува многу од денешните најскапи програми!
Непопуларно наравоучение: Како за почеток, обидете се да набавите некоја “разбиена” верзија на Protel 99 со полна функционалност. Апсолвирајте го него до најмал детаљ, дури потоа преминете на Altium designer или евентуално на PADS!
Емилијан Иљоски
Јас користам Eagle 4.16, во последно време, за сите проекти што ги правам. Едноставен е за корис-тење и ги задоволува сите потреби кои ги имам за изработка на еднострани или двострани ППК.
Употребата на функцијата авторутер за еднострани ППК не е препорачлива ниту за Altium кој има многу помоќен автороутер во споредба со Eagle. Автоматско внесување на краткоспојници не е потребно, тоа се прави рачно.
Цврстата врска меѓу шемата и ППК е силно поддржана од моја страна затоа што заштедува многу време, и јас секогаш ја користам. Исто е и со Altium, каде што може да се прекршат правилата, но сепак, строго се придржувам кон цврста врска меѓу шемата и ППК.
Сите официјални библиотеки се одлично синхронизирани меѓу sch и pcb, многу е тешко да се избегне таквата некомпатибилност, веројатно станува збор за погрешно користење на библиотеките или преземање на неисправна библиотека.
Не разбирам што сакате да кажете со терминот машинска изработка, но се сомневам дека во нај-новата верзија е исклучена можноста за печатење на плочката на хартија.
Благој Ќупев
Во првите години од постоењето на ЕМИТЕР за компјутерско дизајнирање на плочките со печатени кола ги користевме програмите TANGO (за кој објавивме серијал написи во 1997) и тогашните верзии на Protel for Windows, за кои пишувавме во броевите 1, 2 и 3 од 1998. Во наредната година преминавме на Protel 98, а потоа и на Protel 99 и им останавме верни до денес. Причините се извонредниот квалитет, богатите библиотеки, како и сопствените библиотеки кои во меѓувреме ги создадовме. Во 2006 година воспоставивме соработка и со компанијата Cadsoft од кои добивме лиценцирана професионална верзија на Eagle 4.16 по што објавивме серијал написи за негова употреба. Станува збор за одличен софтвер кој главно го користиме за дизајнирање на ППК за странски партнери, а многу ретко за проектите во ЕМИТЕР.
Мора да се признае дека и Protel (Altium) и Eagle се прилично сложени програми, кои бараат солидни инженерски знаења и прилично часови работа за да се совладаат барем основните техники и постапки за дизајнирање ППК, а камо ли напредните дизајнерски техники. Токму затоа, а со цел да ја олесниме работата на многумина електроничари (соработници и читатели), одлучивме да креираме библиотеки на симболи за цртање електрични шеми и ППК во програмата CorelDRAW. Работата на тие библиотеки не беше ни малку лесна, но трудот се исплатеше – со нивна помош се нацртани многу шеми и плочки во ЕМИТЕР, а уште повеќе надвор од ЕМИТЕР, меѓу македонските електроничари. Овие библиотеки можете да ги добиете од Редакцијата преку е-маил, а упатствата за нивна употреба се објавени во списанието, во броевите 4/99, 11/03 и 12/11. Предноста на Corel-DRAW е во едноставноста и можноста цртежот да се експортира во најразлични формати, а главен недостаток е немањето можност за поврзување помеѓу шемата и плочката. Затоа CorelDRAW е погоден само за цртање едноставни ППК и за прецртување на постоечки дизајни на ППК.
Во последниве 2-3 години во Редакцијата сè повеќе ја користиме програмата PCBWizard 3.5, којашто се покажа како CAD програма што ги содржи сите главни опции и можности од “поголемите браќа” (Protel/Altium и Eagle), но која истовремено се одликува со едноставност и интуитивност. Овие особини ја прават одличен избор за речиси сите електроничари – од ученици и хобисти, до “тазе” инженери и искусни проектанти. Со оваа програма може да се дизајнираат еднослојни и двослојни ППК, од наједноставни хобистички решенија до прилично сложени професионални проекти. Побарајте ја на интернет и почнете да ја користите, а ние ветуваме дека наскоро ќе подготвиме и ќе објавиме во ЕМИТЕР неколку написи во форма на курс за нејзина употреба.
Слободан Таневски