Поздрав до почитуваната редакција на Емитер!
Неодамна на некој од аудиофорумите прочитав една критика за проектот "500 W засилувач за сабвуфер" (објавен во Емитер 9/11) дека се работи за повреда на авторски права, односно дека авторот на написот искористил шема од одредена личност. Таму се спомнува и ЕМИТЕР, а јас списанието го ценам и следам од самиот почеток па затоа сметав дека треба да бидете запознаени со ова и да видам каков е вашиот став по тоа прашање, односно дали и колку редакцијата води сметка околу повредата на авторските права.
Срдечен поздрав од вашиот верен читател,
Душан Ранковиќ
Ви благодариме на укажувањето! Ние многу сериозно пристапивме кон испитување на информациите од Вашето писмо за можните повреди на авторските права – ги прочитавме сите постови за овој случај и ги анализиравме двете шеми и печатени плочки. На крај, можеме да го заклучиме следново: авторот на написот "500 W засилувач за сабвуфер" Славко Стојковски не повредил никакви авторски права, но сепак сметаме дека требал да наведе дека за својот проект добил инспирација од шемата и плочката објавени на интернет форум од страна на Миле Славковиќ од српската фирма Apex audio.
Да потсетиме, во ЕМИТЕР во текстот за овој проект стои:
"Во потрагата наидов на голем број на шеми за ваков тип на засилувачи, но од сите тие јас, како најприфатлива и најоптимална за овој проект, избрав една основна шема за излезен засилувач со квазикомплементарен излез. Во неа направивме неколку мали модификации и конечната шема е прикажана на слика 6."
Тука јасно се гледа дека избраната шема е модифицирана, што лесно може да се докаже со споредба на шемата и плочката од фирмата Apex и шемата и плочката објавени во ЕМИТЕР - излезниот степен се разликува, а исто така и плочката. Конкретно, во шемата на Apex на еден од излезните транзистори отпорникот од 0,33 оми е поставен во колекторот, додека во шемата на Стојковски отпорникот е поставен онака како што е вообичаено – во емитерот на T9. Понатаму, извршена е промена на поларизацијата на претходниот транзистор преку поинакво поврзување и вметнување отпорник. Исто така, плочката од Apex има круцијална грешка заради која диодите кај осигурувачите немаат ама баш никава функција во заштитата од евентуално погрешно приклучен напон! Уште повеќе, во случај на инверзно приклучено напојување, плочката од Apex може да предизвика оштетување на трансформаторот од напојувањето! Во плочката на Стојковски оваа грешка е исправена, а има и повеќе други измени во дизајнот на ППК.
Во овој контекст сакаме да потсетиме и дека многу аспекти од градбата на аудио засилувачите се откриени и разработени многу одамна, па така тешко дека некој може да полага авторски права на една основна шема на засилувач, како оваа објавена во ЕМИТЕР (или како онаа на Apex) – тоа е школски пример на стандарден засилувач со диференцијален влез и квазикомплементарен излез. Диференцијалниот засилувач прв го пронашол B. Matthews во1934 година, а Alan Blumlein го патентирал во 1936 година. Квазикомплементарниот засилувач прв пат е измислен и патентиран од страна на Hung Chang Lin (инженер од RCA) во далечната 1955 година – пред точно 56 години! Патентните права истекуваат за максимум 20 години, а после тој рок секој може слободно да го користи (изработува и продава) истиот тој пронајдок, така што јасно е дека денес никој нема патентно право на овој тип засилувачи. Од друга страна, авторските права можат да траат многу подолго (20 до 70 години по смртта на авторот) и се многу пошироки во опфатот, но имаат многу послаба длабочина на заштита во однос на патентот. Токму затоа, иноваторите во техниката (тука е и електрониката) заштитата на своите дела ја реализираат речиси исклучиво преку патентни пријави, а не преку авторски права. Авторските права се користат претежно за заштита на пишани дела (написи, книги и сл.) и уметнички дела (музика, филм, сликарство...).
Да резимираме: сметаме дека во овој случај нема копирање на туѓ труд и нема повреда на нечии евентални авторски права.
Ова е прилика уште еднаш да нагласиме дека нашата политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат само авторски написи, а не целосни копии и преводи од странски списанија и интернет (како што прават некои други списанија). Токму затоа, нашите препораки до соработниците-електроничари се:
"Проектите за самоградба на електронски склопови и уреди треба да бидат ваше дело. Ова не значи дека вашата конструкција мора да биде патентиран пронајдок, туку дека не смее да биде копија на туѓа конструкција и напис. Во својата конструкција може да ги користите сите постоечки знаења и информации, вклучително и сите основни шеми од соодветната област и сите податоци и апликации од каталозите на производителите на електронски компоненти. Како основа за својот проект може да користите и веќе познати (објавени) шеми, но задолжително дајте им свој авторски печат – извршете некои промени во шемата (унапредете ја или поедноставете ја) со цел да ја прилагодите на своите потреби или на условите на нашиот пазар, дизајнирајте нова печатена плочка за таа шема, изработете го и тестирајте го целиот проект, а потоа соодветно текстуално опишете го на стручен, но и популарен начин. На овој начин вашиот проект (електронската конструкција и написот за неа) ќе биде ваше авторско дело, а не плагијат."
И покрај тоа што не сме во можност постојано да правиме "истрага" дали случајно некој од нашите соработници не ја почитувал оваа наша политика, сепак сме сигурни дека бројот на таквите злоупотреби е минимален.
Се надеваме дека со овој малку поопширен одговор многу работи од оваа сфера станаа појасни. Ви се заблагодаруваме уште еднаш што со своето писмо нè потикнавте повторно да го објасниме овој сегмент од нашата уредувачка политика и практика и со тоа да ги потсетиме соработниците и читателите на овие наши основни начела, кои впрочем се применуваат во сите сериозни списанија.
Владимир Филевски
и Слободан Таневски