ЕМИТЕР со повеќе страници

Почитувани,

Ја користам оваа прилика да Ве поздравам Вас и Вашата работа - списанието за електроника ЕМИТЕР, што го читам од број 2/95, кога прв пат го видов во киосците во мојот град - Прилеп. Појавата на вакво списание ја пополни празнината на нашиве простори што постоеше по распадот на СФРЈ (не сум сигурен ни дали тогаш имаше такво нешто, освен делумно - САМ). На мислење сум дека изборот на темите и нивото на кое се пишувани е солидно избалансиран. Единствено што би забележал е дека можеби би можеле малку да поработите на обемот на списанието и да го доведете до околу 50 - 60 страници (за месечник), или барем до 80 - 100 страници за двомесечник, па макар тоа и да се рефлектира врз цената (околу 150 ден. би било сосем во ред). Од секоја тема додадете по нешто плус: популарни склопови, карактеристики и основни примени на електронски компоненти, компјутерски интерфејси и компјутерски контролирани уреди (не сум сосем непристрасен во изборов, нели?) и сл.

И на крајот уште би сакал да Ве замолам да ми го испратите и првиот број на ЕМИТЕР, кој ми недостига во библиотеката, а кој како што видов, се уште го имате на лагер.

Со поздрав,

Љупчо Пехчески

Благодариме за поздравите и пофалните зборови за списанието. Идејата за зголемување на обемот на списанието, што и Вие ја предлагате, Редакцијата ја разгледувала неколку пати до сега, меѓутоа до нејзина реализација не дошло заради неколку причини.

Како прво, зголемување на обемот значи и зголемен ангажман на редакцијата и сите соработници заради обезбедување на доволен број квалитетни написи. Меѓутоа во овој момент тоа е тешко остварливо поради малиот број на соработници и поради тоа што е потребно многу време и ангажирање за подготовка на написи од типот на практични проекти и апликации. Затоа оваа прилика ја користиме уште еднаш да упатиме повик до сите заинтересирани електроничари да се јават до Редакцијата и да ја понудат својата соработка.

Како второ, како што и самите констатирате, зголемување на бројот на страници автоматски значи и зголемување на цената на списанието. Тоа од своја страна сметаме дека може да доведе до намалување на и онака малиот тираж и загрозување на опстанокот на ЕМИТЕР.

Редакцијата смета дека во овој момент поважно е обезбедување на редовно (месечно) излегување на списанието и негов квалитет и разновидност што не значи дека се откажуваме од идејата за зголемување на бројот на страници - тоа ќе биде реализирано веднаш штом бидат обезбедени соодветни кадровски и материјално-технички услови.

Слободан Таневски