Поголема моќност од засилувачот A50

Почитувана Редакцијо,
Во последниот број на ЕМИТЕР го прочитав написот за интегрираното коло LM1875 како и написот за зголемување на моќноста на гитарскиот засилувач EGA-16W. Ме интересира дали и како може да се искористи ова интегрирано коло за да се зголеми моќноста на засилувачот A50, кој беше објавен во ЕМИТЕР 1/95.
Ваш редовен читател од Скопје

Иако во документацијата за LM1875 која ја поседуваме никаде не е наведено дека ова коло претставува директна замена за TDA2030, анализирајќи ги електричните шеми на типичните апликации за двете кола може да се забележи дека истите се речиси идентични. Ова, како и фактот што и двете кола се сместени во исто куќиште со ист распоред на изводите, не наведува на заклучокот дека ИК TDA2030 кое се користи во A50 може да се замени со поквалитетното ИК LM1875. Директната замена сама по себе нема да доведе и до зголемување на излезната моќност. За да се зголеми излезната моќност неопходно е да се зголеми напонот за напојување. Ако напонот за напојување од ±22V се зголеми на максималните ±30V, реално е да се очекува максималната излезна моќност на засилувачот да изнесува околу 80W на 4Ω, што претставува зголемување за два пати. Зголемувањето на напонот, како и зголемувањето на излезната моќност подразбира извесни измени, пред се во изворот за напојување. За да се добие максимална излезна моќност согласно со електричната шема објавена во ЕМИТЕР 1/95 изворот за напојување треба да го сочинуваат:
Tr=2x20V/3A
F1=0,5A
C1=C2=10000µF/35V
B1=B40/C5000.
На плочката од засилувачот освен замената на TDA2030 со LM1875 и замената на осигурувачите од 1,6A со осигурувачи од 2,5A не се потребни други измени.
Треба да се има на ум дека со зголемувањето на излезната моќност се зголемува и моќноста на дисипација на ИК и излезните транзистори, што неминовно ја наметнува потребата од користење на ладилник со помала термичка отпорност. Во конкретниов случај ладилникот треба да има термичка отпорност од 0,9OC/W или помала. На крајот да напоменеме дека со овие измени покрај зголемувањето на излезната моќност на засилувачот A50 се подобруваат и неговите технички карактеристики.
Дејан Трпески