TV свртница

Почитувана редакцијо, јас сум ваш редовен читател и хоби ми е електрониката. На местото каде живеам примаме TV сигнали од три насоки на VHF и UHF подрачјето па затоа би бил задоволен доколку во некој од следните броеви објавите шема на TV антенска свртница со три или четири UHF влезови.
Љупчо Стојкоски, Кривогаштани

Со појавата на повеќе ТВ сигнали од различни насоки, проблемот на квалитетен ТВ прием станува доста сложен. Во Вашиот конкретен случај ќе наведеме само две од повеќето можни решенија, не навлегувајќи во поголеми елаборирања, за што сепак е потребно многу повеќе време и простор.

1. Решение со канална филтерска свртница:
- Изработка на канална филтерска свртница по нарачка, која ќе има онолку влезови колку и насоки на прием и ќе биде подесена на оние канали кои се примаат во Вашето место од секоја насока посебно.
- За секој влез ќе биде потребна соодветна антена: комбинирана VHF/UHF или само UHF антена.
- За послаб канал потребна е поквалитетна антена, односно антена со поголема добивка и евентуално канален нискошумен предзасилувач.
- Доколку доводниот кабел од антените (свртницата) е подолг и доколку сакате прием на повеќе од еден телевизор, потребно е веднаш по свртницата да се стави нискошумен антенски широкопојасен засилувач.
Ова е можеби најквалитетно решение, но кај нас тешко се наоѓа таков тип на канална свртница, а доколку се појави нов ТВ канал потребни се нови т.н. инсерт-свртници за тој канал посебно или повторна преработка на старата свртница.

2. Компромисно решение со универзална свртница:
- Во овој случај се користи свртница со еден VHF и најмалку два UHF влеза.
- Се користат VHF и UHF антени, соодветно за секој влез.
- Антените треба така да се насочат за да се намали колку што е можно нивното меѓусебно влијание, бидејќи со два UHF влеза можна е појава на “двојни” слики на некои канали.
- Исто и во овој случај може да се користи посебен нискошумен засилувач или да се користи варијанта на засилувач-свртница во заедничка изведба.

Доколку е потребно да се користи широкопојасен засилувач треба да се земе во обзир дека неговото засилување не е најважен параметар, напротив некои засилувачи кои се декларираат со повеќе од 40, 50, па и 60dB, само прават нови проблеми со интермодулација и “мешање” на сигналите, а со својот голем сопствен шум ги “покриваат” послабите сигнали. Обично, оптимални широкопојасни засилувачи се оние кои засилуваат до 30dB и имаат сопствен шум помал од 3dB.
За додатни консултации и помош при реализација Ви стојам на располагање на тел. 091-235-610.
Александар Николов