Почитувана редакцијо!
Ви испраќам неколку написи сметајќи дека ќе бидат интересни за поширок круг на читатели. Написите се изработени според вашите спецификации, кои ми ги испративте на дискета... Воедно ве молам доколку сте во можност да ми го испрате PROTEL PCB програмот за цртање печатени кола бидејќи го немам инсталирано.
Во ЕМИТЕР 10/97 читателот Дејан Лазов од Кавадарци се обраќа со барање за станица за радио-командувани модели. Поседувам еден ваков проект со релативно едноставна конструкција па доколку редакцијата е заитересирана за негово објавување можете да ми се обратете телефонски. Доколку ви се потребни некои други проекти по барање на читателите или за потребите на редакцијата, слободно обратете се, ако сум во можност ќе се обидам да одговорам на поставената задача...
Имам и една забелешка - мислам дека радиоаматерите се запоставени со проекти од нивен домен (антени, линеарци, трансфери и сл.), или не се заитересирани за самоградба. Би можел да подготвам и некои написи од таа област. Ова мое видување можеби е погрешно бидејќи не ги поседувам сите броеви на ЕМИТЕР, но имам впечаток дека се форсираат аудио проекти, слушни тестови, аудио новости и слично. Би можеле да објавите и некои мали склопови кои би имале некое теоретско значење или би користеле како идеја или решение за некои самостојни конструкции, како и серија теоретски прилози преку кои помладите (понеискусните) електроничари и хобистите би се запознавале со одредени области од електрониката на некое елементарно ниво пропратено со практични примери. Ова се мои добронамерни сугестии со кои мислам би се подобрил квалитетот на списанието и би привлекол повеќе читатели.
Се надевам на успешна и трајна соработка .
Со почит,
Дуновски Михајло, Струга
Ме радува тоа што добивме уште еден соработник. Како што сигурно забележавте некои од Вашите написи веќе се најдоа на страниците на ЕМИТЕР. Се надевам на трајна и успешна соработка на взаемно задоволство и на задоволство на читателите.
Редакцијата е заинтересирана за написи од сите области на електрониката, па така и за напис (проект или апликација) за станица за радио-командувани модели и за написи од областа на радиоаматерската техника. Навистина во досегашните броеви на ЕМИТЕР имаше многу малку проекти, апликации и теоретски текстови за радиоаматерите, но тоа "запоставување" не беше по моја желба или желба на Редакцијата туку затоа што немаме ниту еден соработник радиоаматер, а воедно и конструктор. И покрај неколкуте контакти со Радиоаматерскиот Сојуз на Македонија и нашите барања да се анимира членството за соработка со ЕМИТЕР ниту еден радиоаматер (иако имаше неколку најави) не понуди ниту еден напис од својата област. Единствено господин Владимир Ковачески (Z32KV) се одзва на нашиот повик и еве повеќе од една година успешно ја води рубриката "Радиоаматерски информатор" со информации од радиооператорски домен. Затоа и оваа прилика ќе ја искористам да упатам повик до сите радиоаматери - читајте го и соработувајте со ЕМИТЕР, бидејќи ЕМИТЕР е и ваше списание. Во таа насока деновиве повторно упативме понуда до РСМ за соработка и организирање на групна претплата за своите членови (со попуст од 39%). Се надевам дека оваа наша понуда ќе биде прифатена од што корист ќе има не само ЕМИТЕР туку и Радиоаматеркиот Сојуз на Македонија, радиоаматерите и читателите што се интересираат за такви теми.
"Големата" застапеност на темите од областа на аудио техниката се должи на интересот за неа на поголемиот дел од читателите, но и на концепциската определба на ЕМИТЕР. Имено, во Македонија на волку мал пазар сметам дека е невозможно (или пак многу тешко) да постојат специјализирани списанија за одредена тесна област. Впрочем, ако ЕМИТЕР се потпираше само на читателите кои се занимаваат со електроника од конструкторски аспект, а со тоа и само на спонзорите чија дејност е производство и трговија со електронски материјали одамна ќе го снемаше. Затоа наша намера е во ЕМИТЕР да бидат обединети условно кажано две области кои во голем дел се испреплетуваат - електрониката (со сите нејзини подобласти) и Hi-Fi техниката. Тоа е втората причина поради која аудио техниката во ЕМИТЕР ја има повеќе и е застапена и од конструкторски аспект и од аспект на Hi-Fi заљубениците. Сепак и написите кои се наменети за Hi-Fi ориентираните читатели се на постручно ниво отколку што е вообичаено во странските Hi-Fi списанија.
Во врска со предлогот да објавиме серија написи преку кои помладите и понеискусните електроничари ќе ги стекнат основните знаења можам да кажам дека таква идеја кај нас е присутна уште од самиот почеток, меѓутоа до сега не успеавме да ја реализираме пред сè поради презафатеност и борбата за опстанок на ЕМИТЕР (која сè уште трае). Конечно таа серија ќе ја започнеме од јануарскиот број и планираме да трае цела година.
Слободан Таневски