Почитувана редакцијо,
Како редовен читател на вашето и наше списание за прв пат Ви се јавувам и Ве поздравувам. Ова списание како единствено од ваков вид на македонски јазик е за секоја пофалба и поддршка. Доста долго ги следам полемиките во рубриката "Писма" и навистина не можам да се сложам со оние "читатели" кои велат дека е скапо. Тоа воопшто не е точно бидејќи тие немаат поим колку е тешко да се направи едно вакво списание, а многумина сумата од 100 денари ја трошат редовно за "Марлборо". Што се однесува до прилозите тие се О.К. со забелешка дека многу од "направите" се застарени со ваше образложение дека тоа е во интерес на новите и помладите читатели. Тогаш имам еден предлог. Зголемете го бројот на страниците и цената така што ќе има место за повеќе проекти од различни полиња. Ако некој од "верните" читатели се пожали дека списанието е скапо нека не пуши или нека намали други излишни трошоци па ќе има пари. Јас, како и многу други електроничари купувам многу странски списанија од областа на електрониката кои чинат и повеќе од 10 DM. Само продолжете со вашата работа која за наши услови е извонредна.
Поздрав од
Ѓорѓиески Бранко од Прилеп
После напорната работа (во просек по 10-12 часови дневно, 28 денови месечно) и многуте проблеми (како од финансиска така и од техничка, организациона и кадровска природа) навистина единствен поттик да продолжиме со издавање на списанието, освен надежта дека во иднина ќе биде подобро, ни дава задоволство од успешно извршената работа. Тоа задоволството, освен мирисот на свежо отпечатениот нов број, го прават и позитивните реакции од читателите. Затоа Ви благодарам за искажаните пофалби и поддршката што ни ја давате.
Вашиот предлог ЕМИТЕР да го зголеми бројот на страници, а со тоа и цената го сметам за интересен но се плашам дека голем дел од читателите не се согласуваат со Вас. Затоа во таа насока размислуваме за едно компромисно решение - ЕМИТЕР повремено да објавува брошури кои би оделе заедно со списанието како негов додаток. Цената на тој број (заедно со брошурата) би била 150 денари, а брошурата би била со обем од 50-тина страници на А5 формат и би била посветена на една тема, на пример: TTL дигитални кола, CMOS дигитални кола, интегрирани НФ засилувачи...
Нè интересира драги читатели какво е Вашето мислење за оваа идеја и кои се Вашите предлози за изборот на теми за спомнатите брошури. Јавете се.
Слободан Таневски