Напојување за 2x500W засилувач

Почитувана редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател од број 2/98 и можам да кажам дека списанието е доста добро. Можеби ќе биде уште подобро да има барем уште неколку проекти во списанието. Електрониката ми е повеќе од хоби. Имам изработено повеќе засилувачи и неколку други проекти од вашето списание, како на пример автоалармот од 5/98, дигиталниот термометар од 2/98, активната UHF антена од 3/98 и др.
Имам едно прашање за 500W-ниот засилувач од 3/98, поточно за неговата напојувачка секција. Како да се напојуваат два засилувачи со едно трафо, дали трансформаторот треба да има два двојни излези и како да го изведам тоа без да ги нарушам техничките карактеристики. Се работи за стерео верзија, т.е. за два засилувачи.
Однапред ви благодарам,
Ѓорѓи Ангеловски од Струмица

Благодариме за пофалните зборови. Многу ме радува фактот дека сте нашле поголем број проекти во ЕМИТЕР, кои го привлекле вашето внимание, а особено тоа што сте ги изработиле. Од името на сите автори сакам да кажам дека е најголема сатисфакција, за оној кој пишува, кога ќе прочита дека неговото решение е прифатено од поголем број читатели и истите го сметаат за добро. Се разбира најголема потврда за ова е фактот дека го изработиле.
Што се однесува до 500W засилувач од ЕМИТЕР 3/98, или делот за напојување, би го кажал следново.
Наједноставно решение, во основа не премногу лошо, а во секој случај најефтино е двата засилувачи да ги врзете паралелно на секцијата за напојување. Во ова решение диодите во исправувачот треба да бидат за двојно поголема струја, а се разбира и трансформаторот да биде изработен со двојно поголема моќност т.е. секундарната намотка да може да обезбеди двојно поголема струја.
Најдобро, но и најскапо решение е со две потполно одвоени секции за напојување, два трансформатора, два моста за исправување и две капацитивни секции за филтрирање. Ова решение би им го препорачал само на езотериците, бидејќи звукот е чист до најмалите детали и во нискофреквентниот опсег.
Најекономично решение кое воедно дава и голем квалитет на репродуцираниот звук се добива доколку се дуплира капацитивната секција за филтрирање и се врзе на секој од засилувачите посебно а потоа двете да се поврзат во една точка со исправувачкиот мост, кој треба да е предвиден за двојно поголема струја. Ова важи и за секундарната намотка на трансформаторот. Внимавајте, не се работи за двојно зголемување на капацитетот на кондензаторите, туку за две сосема одвоени секции за филтрирање. Последново е мошне важно бидејќи постои голема разлика во репродуцираниот звук на излез од засилувачите.
Коста Карпузовски