Звучници

Здраво!
ЕМИТЕР го читам веќе подолго време и можам да дадам само позитивни мислења за списанието. До сега имам направено повеќе проекти, а меѓу нив спаѓа и проектот Techno 8, кој со мерак го градев.
Имам една идеја што имам намера да ја реализирам, па ве молам за ваше мислење и помош. Сакам да направам звучна кутија со два баса и еден високотонец: два баса Simsonik SW 820 или CF 620 и еден високотонец Simsonik Polipropilen 4 1/2" - 100 W. Која комбинација ќе биде подобра? Дали бас-звучниците да бидат во една комора или да се поделат во две исти комори? Дали е подобро високотонецот да биде поставен меѓу двата бас-звучника, или да биде поставен над двата баса?
Однапред ви благодарам на одговорите.
Трајче Кедеров од Струмица, via e-mail.

Ви благодарам за Вашите позитивни оценки за ЕМИТЕР и особено за Вашето задоволство од проектот Techno 8. Проектот Techno 8 беше замислен како звучна кутија со многу ниска цена, која практично ќе демонстрира дека хобистите можат да направат коректна звучна кутија со знаењата кои ги стекнале од серијата "Пасивни свртници за звучни кутии" (ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96) и особено од статијата "Компресиони звучни кутии" (ЕМИТЕР 5/95).
Се разбира, сега со професионалните софтверски пакети и со уредот CLIO би можел да направам уште подобра свртница за Techno 8, но мислам дека тоа не е потребно. Имено, квалитетот на звукот кај Techno 8 е ограничен пред сè од квалитетот на самите звучници кои се вградени во него (колку пари - толку музика). Тогаш кога го подготвувавме проектот Techno 8, мерењата на Thiele-Small параметрите ги изведувавме рачно и тоа беше долготрајна процедура, така што стигнавме да измериме само три Simsonik бас-звучници и од нив го избравме најдобриот - SW 820 B. Многу подоцна, со уредот CLIO ги измерив Thiele-Small параметрите и на звучниците Simsonik GF 620S (со Kevlar мембрана) и CF 620 (со карбон-фибер мембрана) и утврдив дека тие имаат помал Qts параметар од моделот SW 820 B. Помалиот Qts параметар автоматски значи подобар квалитет на ниските тонови.
Квалитетот на звукот е најважниот параметар кој треба да се има предвид кога се проектира Hi-Fi звучна кутија за домашна употреба. Затоа, наместо два евтини бас/среднотонски звучници и еден евтин високотонец, за истата вкупна цена Ви препорачувам да купите еден поквалитетен (и поскап) бас/среднотонски звучник и еден поквалитетен (и поскап) високотонец. Поквалитетни звучници ќе мора да побарате во странство, бидејќи понудата на звучници во Македонија се сведува на фирмите како што се Simsonik, Boomers и слични на нив, а тоа се евтини звучници, со релативно низок квалитет. Од овдешните модели на бас/среднотонски звучници кои сум ги измерил, предвид можат да дојдат Simsonik GF 620 S и Simsonik CF 620. Нивните Thiele-Small параметри се слични (и сосема пристојни), со тоа што моделот GF 620 S може да постигне нешто пониска долна гранична фреквенција f3. Амплитудно-фреквентна карактеристика на Simsonik CF 620 не сум ја мерел, туку само на Simsonik GF 620 S (видете ги мерењата во "Операциона сала", ЕМИТЕР 1/99), така што најсигурно е да го земете моделот GF 620 S, иако е малку поскап. Направете компресиона кутија со волумен од 40 литри (може и 30) и вградете еден бас/среднотонски звучник GF 620 S (или CF 620). Квалитетот на басовите ќе биде многу подобар во споредба со Techno 8, но нема да може да свири баш толку гласно. Што се однесува до високотонецот, ситуацијата е уште потешка - во Македонија навистина квалитетни Hi-Fi високотонци едноставно нема! До пред извесно време можеа да се купат квалитетни Jamo високотонци, но најквалитетните веќе се распродадени. Од останатите модели кои сум ги мерел, предвид може да дојде високотонецот Boomers TW-110-1/T3 (видете ги мерењата во "Операциона сала", ЕМИТЕР 9/99), кој има ферофлуид. Неговата цена од 40 германски марки е претерано висока за квалитетот што го нуди, но сепак може да пројде. Ако имате можност, купете од Белград (фирмата KORATO) супер-квалитетни високотонци Focal TC 90K, по цена од само 55 марки.
Два идентични бас/среднотонски звучника во една звучна кутија се ставаат само за специјални намени, така што Ви препорачувам да се задржите на конфигурацијата со само еден бас/среднотонски звучник, но сепак ако инсистирате...
Од акустичка гледна точка сосема е сеедно дали двата бас/среднотонски звучници ќе бидат во два меѓусебно одвоени волумени или во еден заеднички волумен (двојно поголем од поединечниот), но заради подоброто вкрутување на страниците од кутијата, подобро решение е два одвоени волумени.
Постојат два начина на поврзување на два идентични бас/среднотонски звучника. Првиот начин е кога двата бас/среднотонски звучника се паралелно електрички врзани и го репродуцираат целиот спектар од басовите до високите средни тонови - слика1. Во овој случај подобро е високотонецот да се наоѓа во средината меѓу двата бас/среднотонски звучници - тоа е познатата D' Appolito конфигурација, со која се добива подобра поларна карактеристика на зрачење. По правило (кое не мора строго да се почитува), свртницата треба да биде симетрична од трет ред. Два паралелно врзани бас-звучника во една кутија овозможуваат да се постигне максимален звучен потисок - со истиот напон на сигналот од засилувачот се добива (теоретски) 6 dB погласен акустички сигнал во споредба со единечен ист таков бас/среднотонски звучник, така што и високотонецот треба да има соодветно висока ефикасност (осетливост).
Вториот начин е наречен 2 ½ way звучник - тоа е нешто помеѓу two-way и three-way звучна кутија. Едниот бас/среднотонски звучник го покрива целиот бас/среднотонски спектар, додека вториот работи како класичен бас-звучник, најчесто под 150 Hz - слика 2. На овој начин се добива нагласување на басовите под 150 Hz, додека останатата ефикасност (осетливост) е еднаква на единечниот бас/среднотонски звучник.
Владимир Филевски