Ознаки на транзисторите и бас-рефлекс цевки

Почитувана редакцијо,
Јас сум редовен читател од ноември 1998 г. и можам да кажам дека списанието ми се допаѓа бидејќи има интересни работи, па затоа планирам да изработам некои од проектите што беа објавени во ЕМИТЕР, како што се 100W засилувач и сигнал трасерот. Имам три прашања и ве молам одговорете на нив.
1. За 100W засилувач транзисторите T1 и T2 треба да бидат BC556A или BC556B. Пишува да видиме од текстот, но не е спомнато во текстот кој од нив да се употреби.
2. Може ли наместо транзисторите T3 и T5, кои се BC547B, да се употреби транзисторот кој што ви го испраќам?
3. Ве молам објаснете ми како се изработуваат обични бас рефлекс цевки и како се монтираат во кутијата.
Однапред благодарам
Александар Росевски од Куманово

Задоволство ми е што Ви се допаѓаат содржините на ЕМИТЕР и што планирате да изработите некои од објавените електронски конструкции. Според прашањата што ги поставувате лесно може да се заклучи дека сте почетник во електрониката. Затоа чувствувам потреба да Ве предупредам дека градбата на посложени уреди, како и на уреди предвидени за поголеми моќности и/или повисоки фреквенции е потешка и е поврзана со многу ризици кои можат да доведат до неуспех. Ризикот за неуспех е дотолку поголем колку конструкторот има помало знаење и практично искуство. Ова предупредување сепак нека не Ве обесхрабрува, туку нека Ве мотивира да стекнете што поголеми знаења и искуства. Во таа насока Ви препорачувам прво да се испробате во градба на некои поедноставни уреди, а потоа кога ќе стекнете доволно знаење и искуство да се зафатите со градба на посложен уред како што е спомнатиот засилувач од 100W.
А сега конкретен одговор на Вашите прашања.
1. Транзисторите T1 и T2 можат да бидат BC556A, BC556B или кој било друг PNP универзален транзистор. Важно е само и двата да бидат од ист тип (со иста ознака), а по можност да имаат и исто струјно засилување hFE што се утврдува со мерење. Нешто повеќе за универзалните транзистори можете да дознаете во 21-от дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во ЕМИТЕР 11/99.
2. Приложениот транзистор е со ознака C547C и е производство на Philips. Како што беше кажано во 20-тиот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во Е10/99, Phillips и некои други производители заради немање доволно простор кај малите транзистори ја испуштаат првата буква од ознаката. Таа буква го кажува основниот материјал од кој е изработен транзисторот, а бидејќи денес скоро секогаш тоа е силициум, таа буква е B. Според тоа транзисторот C547C е всушност BC547C, а тој е ист со BC547B само што има нешто поголемо струјно засилување и затоа може да се искористи како негова замена. За ова нешто повеќе има во 21-виот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во ЕМИТЕР 11/99.
3. Бас рефлекс цевките во аматерска изведба најлесно се изработуваат од парче пластична цевка за канализација, а на кутијата се монтираат со лепење. Пречникот и должината на цевката се пресметува според волуменот на кутијата и карактеристиките на бас звучникот. Повеќе информации за бас-рефлекс звучните кутии можете да најдете во истоимената серија која беше објавена во броевите (1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), како и во написите од рубриката "Операциона сала".
Слободан Таневски