Пофалби, забелешки и предлози

Здраво!
Конечно - новото издание на Емитер, и за тоа имате големи честитки од моја страна. Но, за жал, мислам дека електрониката е запоставена - 12 страни не се доволни. Второ што забележав е проект од британското списание - тоа ви е многу добра идеја, само продолжете.
Дали би можеле да објавите статија за практична работа со некој софтвер за електроника - на пример Protel?
Мац, via e-mail

Здраво Емитер,
Го купив новиот број и мислам дека е одличен. Немам никакви забелешки, туку само ви посакувам многу успех и понатаму.
Трајче Тренкоски, via e-mail

Поздрав,
Ви посакувам многу успех и уште многу броеви. Во новиов број не ми се допаѓа баш толку што сте го намалиле бројот на страниците за електроника - барем да имаше ист број како порано, па плус овие новиве области што сте ги додале. Се надевам дека ќе поправите понатаму - ја имате мојата поддршка.
Јорданчо Димовски, via e-mail

Здраво,
Ме радува што повторно го видов Емитер во киосците. Добро е што во списанието се опфатени повеќе области од науката, но изненаден сум од малата застапеност на електрониката. Треба да вложите напори електрониката да биде застапена на повеќе страници.
Ристо Пановски, via e-mail

Почитувана редакцијо,
Најпрвин да ви посакам многу успех во работата, уште многу броеви и уште повеќе читатели. Ќе ве пофалам за квалитетот на печатот и за дизајнот на самото списание, а и цената е во ред - иако мислам дека сте можеле да ја заокружите на 150 денари. Цела година со нетрпение го очекував новиот Емитер, но се разочарав од малиот број на страници за електроника. Се плашам дека со промените кои ги направивте наместо зголемување на бројот на читателите да не предизвикате контраефект. Не верувам дека внесувањето на нови области ќе го зголеми бројот на читателите (дај Боже да грешам), бидејќи мислам дека никој не би го купил Емитер само заради една-две страници од некоја научна област што го интересира (на пример историја, географија...). Или на пример, проектот за двосед од борово дрво – па кој денес би правел такво нешто кога за тоа се потребни скапи алати, а кога ќе се земе предвид и цената на дрвото излегува дека е подобро да се купи нов, а не да се прави. Се надевам дека нема да ги изгубите старите читатели. Сакам да се врати оној стариот и добар Емитер. Се надевам дека ќе стигнете до 100 страни, па ако треба и зголемете ја цената.
Многу поздрави од
Јорданчо Димовски, via e-mail.

Почитувана редакцијо,
Многу се радувам на новото појавување на ЕМИТЕР на киосците. Би сакал да ви го честитам новиот почеток во новата година и да ви пожелам многу успех. Исто така ме интересира како би можел да станам ваш соработник.
Срдечен поздрав,
Љутфи Хорка од Гостивар

Аирлија работа!
Бев многу пријатно изненаден кога го видов новиот Емитер. Е па со среќа понатаму и се надевам дека овој пат нема да имате прекин во излегувањето. Цената е прифатлива, за тие +30 денари има боја, повеќе страници, подобрен е квалитетот... Опфатени се сите области од науката, но сметам дека на некои не им е тука место (историја, географија...). Ви посакувам успех во работата и уште многу години Емитер.
Мартин Јанковски, via e-mail

Здраво,
Поттикнат од многуте реклами, го купив новиот број на ЕМИТЕР, прв после неколку години. Тогаш, пред неколку години заклучив дека тоа не е списание за мене бидејќи јас не бев и не сум електроничар, но новиот ЕМИТЕР е баш она што ми недостасуваше - и едукација, и забава и практична корист. Само продолжете така и што побрзо зголемете го бројот на страниците. Би предложил да воведете и рубрика за логички проблеми, како и катче за научна фантастика.
Горан Мартиновски од Велес

Им се заблагодарувам на сите кои ни испратија честитки, пофалби, размислувања и забелешки за новиот ЕМИТЕР. Концепцијата на новиот ЕМИТЕР сè уште е во разработка и таа ќе се оформува според предлозите на читателите, но и на спонзорите, а се разбира ќе зависи и од нашите можности да го реализираме она што го посакуваме и ние и вие. Новиот ЕМИТЕР, како што можете да видите, ќе биде комбинација на популарно списание за наука (како американскиот Scientific American, југословенската Галаксија...), списание за електроника (како стариот ЕМИТЕР, EPE, Elektor...) и списание за самоградители и хобисти (како хрватскиот SAM...).
Како што можевте да забележите во претходниот број, ЕМИТЕР започна да соработува со британското списание за електроника Everyday Practical Electronics (EPE) па во иднина, на страниците на ЕМИТЕР често пати ќе имате можност да следите написи од ова реномирано списание. Инаку, во тек се и преговорите со уште неколку реномирани странски списанија за наука и техника околу легално пренесување на нивни написи во ЕМИТЕР па наскоро очекувајте уште вакви пријатни изненадувања.
Уште при планирањето на новата концепција на ЕМИТЕР бев свесен дека дел од старите читатели ќе бидат разочарани со нешто помалиот број на страници за електрониката, но се надевам дека и тие ќе ја прифатат неминовноста за оваа промена во концепцијата и ќе најдат интерес и во другите теми, кои се надвор од електрониката. Сигурен сум дека малкумина читатели знеаја дека центарот на Македонија е во селото Крива Круша или пак за тоа дека стиропорот не е добар звучен изолатор како што се верува, но и за оружјето на античките Македонци, најновите случувања на меѓународната вселенска станица, многу раширената а малку познатата болест хламидија како и за тоа како да се направат убави фотографии и со евтините фотоапарати. А што се однесува до столарството – тоа е една од ретките дисциплини во кои се исплатува самоградбата, многу почесто и повеќе одошто во електрониката. Целта на новиот ЕМИТЕР е токму таа - да им открие на читателите некои нови (и некои стари) интересни работи од секоја научна и техничка област.
На старите читатели им е добро познато зошто "стариот добар ЕМИТЕР" престана да излегува (на таа тема повеќе пати сум пишувал во ЕМИТЕР) и сега нема потреба да ги повторувам објаснувањата за малиот пазар, малкуте спонзори и никаквата помош од државата. Општо познато е (и не само од нашето искуство!) дека во Македонија тесно-специјализирано стручно списание не може да опстане на пазарен принцип. Сигурен сум и старите читатели на ЕМИТЕР ќе се сложат дека е подобро да имаат секој месец дваесетина страници електроника во ваков ЕМИТЕР, отколку воопшто да го нема ЕМИТЕР - односно да има нула страници со електроника, како што беше во целата 2001 година. Колку за појаснување: стариот ЕМИТЕР имаше триесетина активни страници (без реклами и слично) посветени на електрониката и сродните дисциплини. Впрочем, ако некој треба да жали за стариот ЕМИТЕР тоа пред сè сум јас. Меѓутоа мора да гледаме напред, да го градиме она што е можно и да не жалиме за она што е надвор од нашите можности. "Стариот добар ЕМИТЕР" го нема, но затоа тука е новиот уште подобар ЕМИТЕР - :-).
Се надевам дека ќе ги задржиме старите читатели, не само со веќе докажаниот квалитет на темите од електрониката, туку и со интересните теми од другите науки, а исто така се надевам дека ќе привлечеме и нови читатели и огласувачи - токму со новите теми. Планираното зголемување на 100 страници сигурно ќе донесе и повеќе простор за електрониката, но исто така и повеќе простор за написи од другите области на науката и техниката, вклучувајќи ги и логичките проблеми и научната фантастика.
И понатаму ги очекуваме вашите предлози, пофалби и забелешки – слободно пишувајте ни и учествувајте во креирањето на новиот ЕМИТЕР
Слободан Таневски
Главен уредник