Поздрав до сите во редакцијата,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР и истиот го следам уште од првиот број, кога во целост беше посветен на електрониката. Сепак, морам да признаам дека новиот концепт на списанието повеќе ми се допаѓа, па согласно на тоа ја оправдувам и неговата цена. Ја имав таа чест и задоволство неговиот главен и одговорен уредник, Слободан Таневски, да биде мој професор по практична настава во УСО "Орце Николов" во далечната 1991 година и со задоволство можам да кажам дека од него научив многу.
Иако знам дека во неговата училница поминале многу ученици и верувам дека нема да се сети на мене, сепак во оваа прилика, му се заблагодарувам за знаењето кое го стекнав од него. Исто така имав можност и јас да објавам краток текст во ЕМИТЕР, во изданието 4/97. Во моментов повторно подготвувам неколку текстови наменети за ЕМИТЕР согласно на новиот концепт и се надевам дека, во најскоро време, истите ќе ги доставам до редакцијата и ќе се најдат на страниците на списанието.
Од темите кои ЕМИТЕР ги обработува, освен електрониката, се разбира, посебно ми се допаѓаат написите од областа на астрономијата, која е моја пасија, и написите за моделарство и макетарство. Би предложил, ако е возможно во ЕМИТЕР да се најдат написи и скици за изработка на летечки модели од областа на авио и ракетното моделарство.
Би сакал да предложам, ако е возможно во редакцијата да се разгледа и можноста во ЕМИТЕР да се отвори и страници за научни трудови, дискусии и размислувања, налик на сличните во списанијата од типот на Scientist, Nature и слични. На овие страници би можеле да се најдат научни написи на читателите и научните работници, а за кои би можело да се дискутира (пр. научни теории, проекти и сл). Убеден сум дека тој нов концепт ќе привлече уште поширок круг читатели на ЕМИТЕР.
Во врска со написите од областа на електрониката, би сакал, доколку е можно, во иднина покрај електричните шеми на уредите кои содржат интегрални кола, да се најдат и опис и распоред на пиновите на истите, во вид на мала скица. Ова многу ќе придонесе објавените шеми полесно да се разберат, како и да се сфати работата на самите интегрални кола. Можеби ова до некаде ќе значи зголемување на написите во квантитет, но сигурно е дека ќе придонесе многу повеќе во квалитет.
Освен пофалните зборови, морам да дадам и една мала забелешка. Приметувам дека на страница три на списанието фигурира и работното место ЛЕКТОР, но искрено не можам, а да не забележам дека се прават значајни грешки при лектурирањето на текстовите (ако воопшто и се лектурираат!). Еден банален пример (а можеби и доказ) за ова мое мислење е тоа што ниеден лектор не смее да си дозволи да помине зборот ДОПРИНОС наместо македонскиот синоним ПРИДОНЕС. Сепак ЕМИТЕР е списание за наука, а не за литература, но сепак е едукативно списание и не би смеело да се дозволи вакви грешки да поминат. Повеќе од јасно ми е дека и лекторот е човек, а не компјутер, па грешките се нормална појава, но ваквите случаи мислам дека можат да се сведат на задоволитетен минимум. Се надевам дека оваа моја забелешка ќе биде најдобронамерно сфатена.
Во продолжение би сакал да поставам неколку прашања:
1. Во последните три броеви објавивте напис за изработка на функциски генератор со фреквенцметар со дигитален приказ. Иако бев подготвен да го изработам, наидов на проблем во поглед на набавката на интегралните кола. Имено, во ниту една од продавниците за електроника во Скопје не може да се набави интегралното коло 4553. Би Ве замолил доколку можете да ми посочите од каде можам да го набавам ова интегрално коло.
2. Во подготовка сум на изработка на насочувач на симетричен еднонасочен напон со континуирана струјна и напонска регулација, но наидувам на проблеми при пресметката на трансформаторот. Ме интересира на кој начин може да се пресмета активната (или привидната) моќност на мал трансформатор со Е-лимови (S ≤ 200 VA), во зависност од напречниот пресек на средниот столб. Наидов на едноставна формула во книгата Радиотехника и електроника (P=S2), но очигледно таа важи за моќности до P~50 W.
3. На кој начин можам да подигнам наизменичен напон на вредности од неколку десетици киловолти (не е печатна грешка!!!) во вид на пикови (шилци). Како мал опис на колото кое го изработувам е следното: На влезот на еден транзистор BU208 донесувам поворка од правоаголни импулси (f<10 kHz) кои служат да се самоиндуцира напон во една намотка поврзана помеѓу колекторот на BU208 и еднонасочно напојување +12V (акумулатор). Друга намотка е индуктивно спрегната со оваа (како кај автомобилската бобина), па во неа се индуцира напон од некои 1-3 kV, зависно од фреквенцијата на правоаголните импулси. Дали е возможно овој напон да го подигнам на вредности од неколку десетици киловолти, доколку сериски на втората намотка поврзам голем индуктивитет (пригушница), и дали евентуално можете да ми помогнете да ја пресметам амплитудата на добиените пикови (во однос на маса), во зависност од фреквенцијата на правоаголните импулси, нивниот однос сигнал/пауза, напонот на напојување и индуктивитетот на пригушницата. Мала помош при решението на овој проблем најдов во електрична шема во ЕМИТЕР 2/98 (биојонизатор) каде после втората намотка се наоѓа каскаден спој на диоди и кондензатори.
Се извинувам што моето писмо е малку подолго и не инсистирам истото да биде објавено. Само Ве замолувам, доколку сте во можност, да ми одговорите на горните прашања, без разлика дали тоа ќе биде во ЕМИТЕР или преку e-mail.
Однапред Ви благодарам.
Ристески Петре од Скопје
Почитуван г-дине Ристески,
Ви благодарам на пофалните зборови и со задоволство ја прифаќам Вашата "кандидатура" за наш соработник. Ве помнам како солиден ученик (какви што беа повеќето од вашата генерација) и верувам дака Вашите написи ќе бидат квалитетни и наскоро ќе се појават на страниците на ЕМИТЕР.
Рубриката "Моделарство и макетарство" планирано е да содржи и написи со упатства за градба на летечки модели. Тоа почнавме да го реализираме од минатиот број со написот "Вовед во воздухопловното моделарство" чиј автор е нашиот познат моделар Перица Поповски од Битола, а веќе од следниот број може да ги очекувате написите за самоградба на летечки модели.
И вашиот предлог за објавување на научни трудови се поклопува со нашите планови и активности. Пред извесно време контактиравме со Министерството за наука и образование и Универзитетската библиотека за разни прашања во врска со таа активност, па наскоро кога ќе ги завршиме сите подготвителни и административни работи, ќе почнеме со објавување на научните и стручни трудови на заинтересираните научни работници од Македонија.
Уште од првиот број на ЕМИТЕР составен дел на написите од рубриката "Електроника" се и описите на интегрираните кола кои се употребуваат во прикажаните електронски конструкции. Затоа не ми јасно зошто го предлагате тоа што очигледно го има редовно во ЕМИТЕР, се разбира со одредени исклучоци, најчесто кога станува збор за интегрирано коло кое е општо познато и кое претходно било опишано во ЕМИТЕР.
А Вашата забелешка за лекторските пропусти сметам дека е преостра, бидејќи сепак таквите пропусти не се правило туку исклучоци кои успеале да се "провлечат" поради редовно присутните временски теснеци и "бркањето" на роковите. Инаку ЕМИТЕР уште од првиот број има вистинска лекторка (а не фиктивна како некои други списанија) која за скромен хонорар има тешка задача, во краток рок да ги поправи јазичните грешки, но и, заедно со редакцијата и нашите стручни соработници, да најде најсоодветни македонски зборови за стручните термини. Ова навистина е тежок проблем, ако се земе предвид дека во Македонија се одомаќени стручни термини кои потекнуваат од странски јазици, што се должи на скромната продукција на стручни изданија на македонски јазик и немањето на сеопфатен Речник на македонскиот стандарден јазик. Како и да е, ќе се потрудиме во иднина нашето настојување за правилна употреба на македонскиот јазик во науката и техниката да биде уште поуспешно од досегашното.
Во продолжение еве ги и одговорите на поставените прашања, што ги подготви нашиот соработник Георги Ефтимов:
1. Покрај тоа што е стандардно CMOS интегрално коло, BCD бројачот 4553 е исто така доста распространет (се среќава во многу апликации). Затоа сум изненаден што не сте можеле да го најдете во трговската мрежа. Ние го лоциравме во втората продавница во која се јавивме, "МТВ електроника", каде се продава по цена од 142 ден.
2. Корисната активна моќност на секундарната страна на трансформатор изработен од EI-лимови со попречен пресек на средниот столб S [cm2] се пресметува од изразот даден во прилог,
каде што m е коефициент на загубите во бакарот кој се движи помеѓу 0,15 и 0,20. Повеќе на оваа тема можете да прочитате во ЕМИТЕР 1/2000 во написот "Пресметка на трансформатори за мали моќности".
3. Добивање на напон од неколку десетици kV е навистина крупен залак. Дури и да претпоставиме дека енергијата на индуцираните импулси е мала (да речеме помала од 100mWs) нивната фреквенција е прилично голема (претпоставувам дека f<10kHz сепак значи близу 10kHz). Со додавање на пригушница нема да постигнете ништо бидејќи таа ќе се однесува како акумулатор на енергијата. Ви препорачувам за момент да ја заборавите идејата за пресметување на амплитудата на импулсите и да се концентрирате на критичниот елемент во колото - индуктивно спрегнатите намотки. За таква намена се користат т.н. импулсни трансформатори со надворешен оклоп. Една од поважните карактеристики на импулсните трансформатори е нивната гранична фреквенција (која зависи и од магнетните особини на оклопот). За фреквенции помали од граничната, амплитудата (но не и енергијата) на импулсите на секундарот практично зависи само од преносниот однос на импулсниот трансформатор. Лично не сум сретнал импулсен трансформатор со голем преносен однос и гранична фреквенција поголема од 10kHz но тоа секако не значи дека вопшто не се произведуваат. Решението на вашиот проблем можеби лежи во самото прашање - автомобилската бобина која и сами ја спомнувате. На нејзината примарна намотка слободно можете да доведете напон од неколку стотици волти (под услов струјата низ неа да не е голема) со што се овозможува генерирање на секундарен напон од неколку десетици киловоти. Сепак се плашам дека и овде ќе имате проблеми со фреквенцијата. Во нормални работни услови бобината работи со фреквенција помала од 1kHz. Како идеја за конструкција на колото може да ви послужи тиристорското палење, проект објавен во ЕМИТЕР 7-8/2000. Во тој уред на секундарот на бобината се добиваат импулси со амплитуда од 35 до 45 kV, со фреквенција од неколку стотици Hz.
Се надевам дека сте задоволни од нашите одговори и дека ќе имате успех во своите планови.
Слободан Таневски