Најпрвин голем поздрав до ЕМИТЕР и до В. Филевски. Бидејќи итно ми треба гитарски засилувач, а цените им се ненормално високи, дали би можеле да објавите некој проект за 100-150 W засилувач, по можност Marshall или Fender? Ме интересира каков квалитет на звук би се добил ако се направи гитарски засилувач со TDA 7294, со предзасилувачот од ЕМИТЕР 9-12/2000 и петпојасен еквилајзер и како тоа да се поврзе?
Русин Џундев, преку e-mail
Засилувачите со електронски цевки со моќност од 100 W се многу скапи. Нивните цени ќе им останат (не)нормално високи без обѕир дали ќе објавиме проект за нив, или не. Причината за високата цена се скапиот излезен трансформатор, мрежниот трансформатор, електронските цевки, кондензаторите и останатите делови. Не располагаме со шеми за "лампашки" гитарски засилувачи за толку голема моќност и не планираме во скоро време таков проект. Можеби во некој иден број ќе објавиме проект за транзисторски гитарски засилувач. Со оглед на итноста, најдобро решение за Вас е да побарате во огласите некој кој продава стар Marshall или Fender.
Специфичниот звук на гитарските засилувачи се должи на фактот што тие се конструирани различно од hi-fi засилувачите. Така, типичен hi-fi засилувач, како што би бил засилувач со TDA 7294, ќе звучи различно од Marshall. Таа разлика гитаристите ќе ја наречат неквалитетен звук (и ќе бидат во право – на свој начин), иако тоа всушност нема врска со квалитетот на звукот, туку со специфичните потреби кои мора да ги исполни еден гитарски засилувач. Тоа беше лошата вест, а добрата вест е што засилувачот со TDA 7294 сепак солидно ќе свири, а неговата цена ќе биде барем 10 пати пониска од Marshall.
На излезот (out) од "Универзалниот аудио предзасилувач" (ЕМИТЕР 9-12/2000 ) приклучете го влезот (Vlez L, J3) од "Петпојасниот еквилајзер" од ЕМИТЕР 9/99 (потребен е само левиот канал – IC1 со деловите кои му припаѓаат), а на неговиот излез (Izlez L, J1) приклучете го влезот на засилувачот со TDA 7294. Наместо засилувач со TDA 7294, можете да го употребите "100 W транзисторски засилувач" од ЕМИТЕР 11/98. Поврзувањата направете ги со микрофонски (оклопен) кабел.
Ако сакате поголема компактност на засилувачот, можете да го употребите предзасилувачкиот дел (заедно со тропојасната тонска контрола) од проектот "Гитарски засилувач EGA 16W" од ЕМИТЕР 3-4/96. Исфрлете го излезниот засилувачки степен со TDA 2030 и сите негови делови (сè надесно од C20), па потоа со микрофонско кабелче спојте ја точката над кондензатотрот C20 со влезот од плочката на засилувачот со TDA 7294 или со влезот на "100 W транзисторски засилувач".
Владимир Филевски