Машина за сечење стиропор

Здраво Емитерци!
Имам потреба за машина за сечење стиропор. Би сакал да ми пратите шема на кој начин да направам врела жица за сечење на стиропор!
Поздрав,
Стефан Василевски

Не е никаков проблем. На еден разбој (рам) од оние за сечење со пилица од комплетите по ОТО, треба да распнете отпорна жица од цекас и да ја приклучите на извор на напојување преку регулатор на струјата (однос импулс/пауза) со кој ќе се нагоди температурата. Регулаторот може да биде оној за DC-мотор, објавен во Емитер 4/09.
Петар Аврамовски

За конкретен одговор би требало да доставите повеќе податоци за димензиите на стиропорот, дали е од приоритет прецизноста, дали тоа е сечење по хоризонтала, вертикала, права линија или форми и облици... сето тоа се однесува на делот кој ќе се користи како машина, постоље или носач - наречете го како сакате, додека основната функција ја прави парче отпорна жица со должина малку поголема од онаа на стиропорот, која од едниот крај цврсто се врзува на машината, а од другиот крај преку пружина која е затегната. Местото на врзување мора да е од керамика, бакелит или од друг изолациски материјал кој може да издржи малку поголемо загревање и тоа од двете страни на жицата. На овие места се поврзува и исправувачот, кој е најдобро да биде со регулација и со доволно струја. Со проба ќе одредите колку треба да изнесува напонот во зависност од должината на жицата при што жицата не смее да се вцрвува. Сечењето не оди многу бргу, сепак, деловите што веќе се пресечени треба постојано да се шират за да не дојде веднаш по сечењето до повторно спојување. Со загревањето жицата се шири и за тоа е наменета пружината да ја затегнува бидејќи во спротивно линијата на сечење може да стане нерамна.
Драган Јовановски