Сервисирање на Dynacord Powermate 1600

Почитувани!
Голем поздрав до сите во редакцијата.
Би ве замолил да напишете нешто за начинот на сервисирање на моќните излезни засилувачи, за пример нека се земе разгласот "Dynacord" PowerMate 1600 кој е најчесто користен разглас на Балканот при разни свадби и веселби.
Имено, се случува да изгорат некои од моќните излезни биполарни транзистори (MJ15022/MJ15023), а поретко заедно со побудните транзистори (MJL3281A /MJL1302A).
Сум вршел статичко мерење на засилувањето на излезните транзистори со фабрички инструмент (што не значи дека е точно, бидејќи немам инструмент за мерење на транзистори при големи струи, да речеме 7 до 10A). При мерењето на оригиналните излезни транзистори кои не се менувани, сум забележал дека воопшто не се впарени, односно еден PNP-транзистор има засилување од 67, а другиот NPN транзистор има засилување од само 29, но побудните комплементарни транзистори (MJL) секогаш покажуваат дека се впарени обично околу вредноста 120 - 140 на сосема мала разлика меѓу нив – речиси и да не се разликува нивното засилување, што ме зачудува, бидејќи не ја гледам логиката побудните транзистори толку многу да се впарени, а излезните воопшто да не се, иако не се работи за Hi-Fi засилувач туку за разглас.
Пред да се постават новите транзистори ги испитувам и околните елементи (полуспроводници, отпорници, дури и блок кондензаторите и елементите за заштитата, ги заменувам изгорените емитерски жичени отпорници на излезните транзистори, ги проверувам транзисторите за мирна струја - C4793 и околните елементи од мирната струја (ги менувам тримерите за мирна струја со нови), како и околните транзистори.
При поправката излезните транзистори ги поставувам со нова термо паста и нормално цврсто затегнати за двата алуминиумски ладилници, вентилаторите за ладење на излезните транзистори ги чистам и истите бргу вртат и се вклучуваат навреме. Оригиналните звучници од разгласот ги проверувам на друг разглас, нормално работат и при голема јачина, што значи дека заштитата ги спасила, каблите од звучниците се прегледани и не се оштетни и минималната импеданса на звучниците по канал не е пониска од 4 ома, со употреба на доста долги кабли исто како порано, а со тоа се елиминирани надворешните причини за дефект.
По замената на излезните транзистори со нови, мерени се crossover изобличувањата со осцилоскоп и вештачко оптоварување со отпорник 8Ω/50W и изобличувањата се мали.
Но, ако се пушти разгласот да работи со неговите звучници на пола снага ќе работи и 10 саати без проблем, но ако работи на полна снага како што нормално работел порано при забави најдолго може да работи некаде до 1 саат, па некои од излезните транзистори пробиваат (на пример, 2xMJ15022 и 1xMJ15023), па потоа гори влезниот осигурувач од 8A.
Претпоставувам дека новопоставените транзистори не се доволно брзи во однос на оригиналните, па греат и поради тоа пробиваат.
1. Првото прашање е кои се најчестите причини за горење на излезните транзистори, дали е низок квалитетот на овие транзистори кои можат да се најдат по нашите продавници или во прашање е нивната брзина, односно засилување?
2. Дали некој утврдил дека излезните транзистори со помало засилување повеќе се греат во однос на тие со големо, иако нормално би очекувале транзисторите со големо засилување да бидат позагреани, бидејќи се "поактивни". Од друга страна, пак, засилувачите кои работат со Дарлингтон излезни транзистори кои имаат големо засилување многу малку греат во однос на обичните при иста струја на мирување?
3. Кај овој разглас излезните транзистори од ист поларитет се на ист ладилник и не би требало температурно да се разликуваат бидејќи се заеднички ладени, или, пак, можеби таа мала разлика на внатрешната температура на PN спојот прави некои од транзисторите повеќе да загреваат и да горат?
4. Колку треба да е пропишаната мирна струја на едниот канал за овој разглас, бидејќи јас ја нагодувам на околу 80mA по канал?
5. Оригиналниот грец кој е од 35A често на овие разгласи е изгорен, го менувам со кинески бидејќи други по продавниците ретко можат да се најдат, но бидејќи новиот по габарит е помал ми прави сомнеж дали е во ред да се постават два паралелно врзани кинески грецови за да се подобри сигурноста?
На овие прашања делумно имаше одговори во минатите броеви (инж. Емилијан Иљоски) и во натписите за одржување на аудиоуредите (инж. Миле Серафимоски), на оваа тема има многу аспекти, затоа ве молам уште еднаш да се осврнете на оваа тема.
Јован Билески

Точно е дека Dynacord PowerMate 1600 миксетата со излезен засилувач 2x700W е една од добро продаваните миксети во светот, но воопшто немам впечаток дека има многу примероци во Македонија, а уште помалку сум убеден дека има многу неисправни примероци од овој модел во Македонија. Имено, Dynacord PowerMate 1600 е нова генерација на професионални миксети од највисок ранг за кои е предвидена тригодишна гаранција и дополнителни 7 години сервисен рок откога ќе се произведе последниот примерок од оваа серија, како што и е законски пропишано за ваков вид професионални уреди. Правата од гаранцијата како и сервисните права можете да ги остварите во назначените места во вашиот гарантен лист. Се разбира, доколку сте го купиле уредот во Македонија, законот наложува дека имате право да си ги остварите гарантните и сервисните права во Македонија, но ако сте го набавиле уредот во некоја друга земја, овие права ќе бидат валидни за таа земја.
Од друга страна, ако сакате токму вие а не овластениот сервис да го изврши сервисирањето, тогаш ќе ви биде неопходна сервисната книга на уредот каде што ќе ги најдете сите одговори на вашите прашања: Кои и какви транзистори да се употребат, кои и какви нагодувања се потребни и кои и какви мерења треба да се извршат за да се "прогласи" уредот како "технички исправен". Без оваа сервисна книга ние можеме тука да седиме, да "баеме" и да погодуваме што сè е потребно да се "оживее" вашиот уред. Производителите од своја страна нема да сакаат јавно да ја отстапат сервисната книга пред истекот на законски пропишаниот рок (7 години откога ќе се произведе последниот примерок). Така, за Dynacord PowerMate 1600, сега за сега, нема да можете да најдете сервисна книга на интернет. Барем не бесплатно! Сепак, со одредена компензација која би се движела од 20 до 100 евра би можела истата да се најде во одредени Руски сајтови, особено преку нивните форуми.
Така, без да ја имам пред себе оваа сервисна книга, јас, во моментот би можел да одговорам само на ограничен број воопштени прашања. А тие се:
1. При вакви моќности (2 x 700 W), апсолутно е неопходно да се спарат не само излезните транзистори, туку и побудните транзистори, како и емитерските отпорници на излезните транзистори. За оваа класа на уреди, би препорачал спарувањето да биде барем на 5%, значи со многу построги критериуми од вашите (вие велите дека некои транзистори биле спарени, но имале засилување од 120 до 140, што е отстапување од некои 17%). Начините на спарување на моќни транзистори повеќе пати се објавени во Емитер. Ако ги следите овие упатства ќе видите дека не ви се неопходни "софистицирани" уреди, туку ќе ви биде потребна повеќечасовна работа, како и поголем број на транзистори за да ги најдете вистинските парови.
2. Точно е дека во Македонија се продаваат електронски компоненти со многу променлив квалитет, почнувајќи со "тешки" фалсификати до оригинални компоненти од најреномираните производители. Не очекувајте да набавите излезни транзистори (MJ15022/MJ15023) по цена од 100 ден. / парче и истите да бидат оригинални Motorola, кога производителот ги продава во пакување од 1000 по цена од 4,82 US$ (околу 200 ден) по парче. Нормално, во Скопје нивната малопродажна цена би била некаде од 330 до 380 ден. / парче.
3. Воопштено, сервисираните излезни транзистори прегоруваат првенствено поради друг дефект во засилувачот. А дури потоа поради нивниот лош квалитет, неспареност, лоша термичка спроводливост кон ладилникот, самоосцилирање, ненагодени параметри на излезниот засилувач, неисправни звучници и др. Како што гледате, не споменав никаква брзина, односно бавност на транзисторите. И навистина побавна апликација со транзистори од НФ-излезен засилувач речиси и да не може да се најде, па следствено не ни се бара никаква брзина од овие транзистори!
4. Осцилоскоп не е уред наменет за мерење изобличувања. Со набљудување на осцилоскопските криви, изобличувања од редот на неколку проценти едвај се забележливи!
5. Во електрониката сè, ама баш сè е утврдено, бидејќи таа е создадена од човека, па сите параметри ни се познати, и на некој му текнало да забележи дека транзисторите со поголемо статичко струјно засилување ќе бидат нешто пооптоварени од оние со помало. Но, ако оставиме сè на засилувањето на излезните транзистори, кое, патем речено може да варира па и 5 - 10 пати (некои транзистори би имале засилување 20 а други 200!), ништо, ама баш ништо нема да може да ни проработи! Излезните транзистори во засилувачите кои работат во АБ-класа се врзани во конфигурација на емитерско следило, па во ваква конфигурација напонското засилување кај транзисторот со hfe=20 ќе биде 0,95, додека кај оној со hfe=200, ќе биде 0,99! Односно, разликата ќе биде само 4%! Дополнително, имаме и емитерски отпорник кој ја намалува оваа разлика. Од оваа констатација можеби ќе ви се причини дека спарувањата не се ни потребни! А и не ни се, ако се работи за уреди од ниска класа, но кога имаме еден Dynacord PowerMate 1600 тие се и тоа како потребни, инаку сервисираниот уред нема да биде веќе Dynacord PowerMate 1600 туку некоја "канта" за селски свадби, односно од уред кој вреди 2500 евра, ќе направиме уред кој вреди само 250! Воопштено земено, транзисторите во аудиозасилувачите ги спаруваме поради 2 основни причини: да ја распределиме подеднакво моќноста на секој поединечен излезен транзистор и да ги намалиме изобличувањата на целиот уред.
6. Не е точно дека Дарлингтон транзисторите употребени во НФ-излезни засилувачи помалку се грејат! Токму спротивното, при еднаква конфигурација тие ќе се грејат исто колку и излезниот и побудниот транзистор заедно. Бидејќи се во едно исто куќиште, тие ќе се грејат повеќе од само излезниот транзистор кај конфигурациите кои користат дискретни компоненти.
7. Тоа што транзисторите се на ист ладилник, воопшто не значи дека тие се на иста температура. За термичките отпорности кои се јавуваат во разните слоеви на патот на топлината од кристалот до околината преку ладилникот во Емитер е пишувано повеќе пати.
8. Сите нагодувања кои треба да ги направите, заклучно со нагодувањето на мирната струја на излезниот степен, ќе ги најдете во сервисната книга на уредот.
9. Не ставајте во уред кој вреди 2500 евра компоненти со непроверени карактеристики, како "кинески" грецови, на пример. Ова особено важи ако употребувате неисправна логика како онаа: два греца = двојна струја! Со тоа не само што го деградирате квалитетот на уредот, туку и самите се деградирате како мајстор! Работата гледајте ја на овој начин: замислете колкав срам ќе биде за вас ако некој од тие "малигни" грецови пукне насред работа и ѝ истера око на некоја од деверушите! Ајде, работата не мора да оди доттаму, доволно би било некој да го отвори капакот на уредот и да се увери во квалитетот на веќе извршениот сервис! Запомнете, добро извршен сервис се препознава по две работи:
- Никој нема да може да утврди дали уредот бил веќе сервисиран или не!
- Уредот, ако повторно се расипе, нема да го има истиот дефект.
Емилијан Иљоски