Модификации на гитарскиот предзасилувач

Здраво,
Пред сè, да ве пофалам и да ви кажам дека долго време го читам вашето списание ЕМИТЕР. Многу ми се допаѓа, колку повеќе го читам повеќе навлегувам во темите и ми станува сè поинтересно и појасно, бидејќи на многу јасен начин сè е напишано детално и опширно. Најчесто најинтересни ми се модификациите на одредени кола (уреди), како што е, на пример: Предзасилувачот со ton/volume контрола за гитара, проект објавен во ЕМИТЕР 1/07 од комплетниот 100W гитарски засилувач.
1. Сакам да поставам прашање, дали транзисторот T1 (BC639) може да се замени со некој помоќен транзистор за да се обезбеди излез за приклучување на повеќе аудиозасилувачи.
2. Исто така, ме интересира дали е возможно со одредени модификации (претпоставувам со менување на вредностите на компонентите во тон контролата) да се модифицира како предзасилувач за бас гитара.
Ви благодарам однапред!
Горан Илиевски

Пред сè, ви благодариме за пофалбите.
Во оригиналната шема објавена во Емитер, транзисторот T1 е BC549. Замената на овој транзистор со друг, со поголема моќност е непотребна, бидејќи и тој е во состојба да обезбеди излезен сигнал за повеќе засилувачи со влезна отпорност поголема од неколку килооми.
Што се однесува до второто прашање, пренамената на предзасилувачот во предзасилувач за бас гитара би значела замена на речиси сите пасивни елементи во шемата (не само во филтерот за ниски фреквенции) со други. Освен тоа, дел од функциите кои се предвидени за соло-гитара треба да се изостават, а да се воведат нови наменети за бас-гитара. Сето ова би значело еден потполно нов предзасилувач, па затоа јас не би ви ја препорачал оваа пренамена.
Дејан Трпески