Потребни и непотребни теми и рубрики

Навистина не сте фер! Кога некој ве фали, веднаш одговарате. Кога некој ве кара, ве нема никаде. Затоа еве го уште еднаш мојот меил што ви го пратив пред некоја недела.
Емитерци, морам да ве искарам малку. Мислам дека списанието изгуби од енергијата која ја имаше пред повеќе месеци кога објавувавте многу поинтересни написи, а сега личи на еден голем, скап каталог. Во рубриката електротехника пишувате за кружни пили и циркулари??? Разбирам дека тоа ви е можеби начин да соберете пари со тоа што ќе ги рекламирате тие производи, ама стварно не држи место да истрошите страница од таа рубрика за да рекламирате некоја пила која работела тивко, имала цевка за оддувување на пилевината или, пак, можела да сече под 45 степени. Излишно е да го правите тоа кога повеќето од читателите не знаат што е електрично поле, магнетно поле или електромагнетно поле. Можете во таа рубрика да прикажете примена на некои од постулатите во електротехниката или нешто што е многу повеќе поврзано со електротехниката отколку да читаме за пили и други алатки.
Повеќе пати се канев да ви го напишам ова писмо и сега најдов време. Во рубриката "Информатика" пишувате која графичка картичка била подобра, која поевтина, која каде се користела. Сметам дека тоа е исто така непотребна работа, бидејќи ако ме интересира која е подобра а која не, ќе ви напишам писмо за да ми кажете. Во секој број има ставено голем акцент на информатиката (непотребно) и 4-5 страници потрошени на таа тема. Тоа е калабалак од поими кои е подобро да бидат објаснети отколку така нафрлани. Добро е што во последниот број имаше објаснување за поимите поврзани со RAM мемориите и тоа треба да продолжи и со другите поими од информатиката. Направете сопствена веб-страница и овие тестови на картички од nVidia, Ati и компанија објавувајте ги на веб-страницата, не трошете страници од ЕМИТЕР кога тие може да се искористат за многу поконструктивни работи.
Зошто тотално ја запоставивте рубриката "Воздухопловно моделарство"? Немате ништо пишано на таа тема со месеци наназад, иако таа е многу интересна тема и има многу компетентни луѓе во Македонија кои можат да дадат многу добри написи. Порано имаше и проекти за самоградба на воздухопловни модели, објаснување на поими од воздухопловството и слично, а сега ни една страница на таа тема.
Се надевам дека ова писмо не беше многу нападно и грубо.
Се надевам дека сега ќе одговорите. Не држи место дека немате време да одговорите на меилот, затоа што порано веднаш сте враќале одговор за помали и не толку важни меилови.
Топли поздрави,
Зоран Јанкулоски

Почитуван г. Јанкулоски,
Причината зошто до сега не сме Ви одговориле е нашата презафатеност во овој период, а не затоа што Вашето писмо содржи критики. Самите сте сведок дека и таквите писма редовно ги објавуваме во ЕМИТЕР. Според тоа ние сме најфер списание во светот, а во тоа лесно можете да се уверите ако испратите вакво слично писмо на кое било друго списание кај нас или во светот – воопшто нема да Ви одговорат! Како што гледате, нас нè има, иако нè испокаравте.
Но, тука морам веднаш да Ви посочам дека имате погрешна претстава за тоа како функционираат списанијата во светот (и кај нас) и кои се нивните обврски кон читателите. Имено, вашата претпоставка дека ние сме должни да ви одговориме (и тоа веднаш) е сосема нереална. Ниту едно списание во светот не одговара на сите писма од читателите, ниту има обврска за тоа! Зошто? Затоа што секоја редакција дневно добива голем број писма (ние по 20-30), па физички е невозможно да се одговори на сите, а да не се наруши основната дејност - правење на списанието! Ова е уште повеќе изразено во мали редакции како што е ЕМИТЕР. Токму заради ова, во рубриката "Писма" секогаш стои и едно кратко објаснување за таа рубрика (отпечатено во негатив) во кое буквално пишува: "И покрај нашата желба, сепак не сме во можност да одговориме на сите писма...". Најпосле, вие самите за себе кажувате: "Повеќе пати се канев да ви го напишам ова писмо и сега најдов време". Верувале или не, и јас повеќе пати се канев да Ви напишам одговор, но дури сега најдов време да Ви одговорам. А овде ќе ја искористам приликата и да се пофалиме - и покрај сите потешкотии ние успеваме да одговориме на околу 80-90% од пристигнатите писма од читателите.
Сега да ги разгледаме Вашите критики и забелешки за содржините на ЕМИТЕР.
1. Електрична пила претставува електротехнички уред и нормално дека ќе биде претставена во рубриката "Електротехника", а не во некоја друга рубрика. Она што Вам Ви личи на непотребно трошење страница од рубриката "Електротехника", за некој друг читател претставува драгоцена информација која претходно долго време ја барал на други места, а ја нашол само во ЕМИТЕР. Зарем мислите дека не постојат луѓе (самоградители или професионалци) на кои информациите за оваа пила и другите алати им се интересни и корисни? Секако, во рубриката "Електротехника" освен електричните алати биле и ќе бидат застапени и други теми од таа област. На пример, во претходните броеви имаме објавено написи за магнетизмот и електромагнетизмот (тоа што Вие сега го предлагате!?), мерење на отпорноста на заземјување, електрични светилки, заштита од гром и многу други, а за следните броеви подготвуваме серијал за електричните инсталации во домаќинствата.
2. Рубриката "Моделарство и макетарство" навистина во подолг период не е застапена во ЕМИТЕР. Тоа се должи на неколку фактори: претходната голема застапеност на тие теми, ограничениот простор во списанието, зафатеноста на двајцата соработници од таа област и малиот интерес за таа рубрика од страна на читателите. Дури има и читатели на ЕМИТЕР кои, спротивно од Вас, мислат дека рубриката "Моделарство" е непотребно трошење страници од ЕМИТЕР (видете во рубриката "Писма" во постарите броеви)! Но, независно од сè, моделарството и макетарството ќе ги има во ЕМИТЕР и во иднина, барем повремено. Веќе се подготвени две статии за радиоуправувани едрилици од нашиот "стар" соработник Перица Поповски, а, секако, страниците на ЕМИТЕР се отворени и за сите напредни моделари и макетари кои би сакале и би можеле да ги пренесат своите знаења и искуства на читателите.
3. Вашето мислење дека трошиме премногу страници на рубриката "Информатика" е во остра спротивност со резултатите од досегашните анкети на читателите на ЕМИТЕР, каде што рубриката "Информатика" е една од најбараните и најдобро оценетите. Тестовите за хардверските компоненти се составен дел на оваа рубрика, како и во сите списанија за компјутери. Врз основа на тие тестови, редовните читатели лесно ќе можат да си изберат картичка (или друг производ) според нивните потреби, но и да ги совладаат сите тајни на таа технологија. А за полесно да се разбие "калабакот од поими" тука се рамките "Термини и кратенки" каде има кусо, поедноставено, објаснување за секој стручен збор и кратенка од соодветниот напис.
Врз основа на тие веќе направени тестови, Редакцијата ќе му препорача картичка на (речиси) секој кој ќе се обрати до Редакцијата со писмо. Но, ниту едно списание во светот нема специјално да прави посебен тест на графички картички само затоа што некој читател очекува одговор на своето писмо во кое сака да знае која картичка е подобра, а која не. Тестот се прави за сите читатели на списанието, независно дали на неколкумина во тој момент не им се интересни графичките картички.
Резиме: Ниту еден умен човек досега не пронашол начин како едно списание да ги задоволи интересите на буквално сите читатели, па затоа списанијата во целиот свет (вклучувајќи го и ЕМИТЕР) ги печатат оние теми кои ги интересираат повеќето читатели, а кои се од областите што ги третира списанието. Нормално, во секој број на списанието ќе има и теми кои нема да им бидат интересни/потребни на некои (малубројни) читатели, но затоа поголемиот дел од читателите ќе бидат многу задоволни токму од истите тие теми. Затоа, пак, во следниот број ќе има некои други теми кои ќе бидат многу интересни за оние претходно спомнати незадоволници, но истите тие теми нема да им се допаднат на некои трети незадоволници. И така натаму... Едноставно, не можете да очекувате ЕМИТЕР (или кое било друго списание) во целост ќе ги задоволи токму Вашите моментални интереси. Но, имајте на ум дека интересот за одредени теми е променлива категорија, така што она што денес воопшто не Ве интересира, уште утре може да ви стане многу интересно или многу потребно. Во тој случај сигурно добро ќе ви дојдат сите претходни броеви на ЕМИТЕР заедно со сите "непотребни" написи.
Мислам дека сега многу работи Ви се појасни. Следете нè и пишувајте ни и понатаму. Дури и да не стигнеме да Ви одговориме, бидете сигурни дека Вашите критики, размислувања и предлози ќе бидат земени предвид при планирањето на содржините на идните броеви. Но, кога во иднина ќе предлагате нешто, нека биде за темите кои Вие би сакале да ги има во ЕМИТЕР – без предлози за елиминирање на одредени теми и рубрики. Прифатете дека постојат и некои други читатели кои имаат интереси различни од Вашите, а оставете ни нам да ги сублимираме сите предлози и, во согласност со можностите, да се обидеме да ги реализираме.
Слободан Таневски