Рубрика: Медицина
Дали раниот појадок навистина го продолжува животот?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.11.2026 - 19:00

Времето во кое ги јадеме оброците можеби е подеднакво важно за здравјето колку и она што го јадеме. Едно ново истражување ја открива поврзаноста помеѓу доцниот појадок, доцната вечера и повисокиот ризик од смртност.

Дали е важно не само што јадеме, туку и кога јадеме? На ова прашање се обидува да одговори едно истражување објавено неодамна во European Journal of Clinical Nutrition, во коешто се испитува поврзаноста помеѓу времето кога се земаат оброците и долговечноста.

Истражувањето опфатило повеќе од 31 000 американци постари од 40 години, чиешто здравје било следено во периодот од 1999 до 2018 година. Научниците ги анализирале времето на првиот и последниот оброк во денот, како и нивната поврзаност со вкупната и кардиоваскуларната смртност. Резултатите укажуваат дека лицата кои го одложуваат првиот оброк имаат повисок ризик од смртност во споредба со оние што појадуваат порано.

Појадокот – подобро пред осум часот?

Во анализата, како појадок бил сметан секој внес на храна или калоричен пијалак по четири часот наутро. Според резултатите, најповолна била групата што првиот оброк го консумирала помеѓу седум и осум часот. Во споредба со неа, кај лицата што појадувале помеѓу осум и десет часот бил забележан за 10% повисок ризик од смртност од сите причини. Кај оние што првиот оброк го консумирале помеѓу десет часот и пладне, ризикот бил повисок за 19%, додека кај лицата што јаделе дури попладне тој достигнувал 29%.

Разликите биле уште поизразени кога станува збор за кардиоваскуларната смртност. Кај последната група, ризикот бил повисок за 46%. Истражувачите процениле и дека на возраст од 50 години, лицата што првиот оброк го консумирале по пладне имале просечен животен век пократок за 2,46 години.

 

А што се случува со вечерата?

И времето кога се јаде последниот оброк во денот покажало интересна поврзаност со здравствените исходи. Најнискиот ризик во анализираниот модел бил забележан кај лицата коишто вечерале околу 20 часот. Во споредба со нив, вечерањето пред 19 часот било поврзано со 13% повисок ризик од смртност од сите причини, додека кај оние што јаделе по полноќ ризикот бил повисок за 27%.

Сепак, резултатите не значат дека раната вечера е штетна или дека доцното јадење директно го скратува животот. Лицата што вечерале порано, на пример, во просек биле постари, имале повеќе претходни заболувања и поретко јаделе во текот на денот.

 

Поврзаност не значи причинско-последична врска

Но, истражувањето има и едно мошне важно ограничување. Имено, учесниците го пријавиле внесот на храна и времето на оброците само за еден ден. Тоа не мора да биде репрезентативно за нивните вообичаени навики во исхраната.

Дополнително, и покрај тоа што научниците земале предвид повеќе фактори, како возраста, пушењето, физичката активност, телесната тежина, приходите и претходните заболувања, не може со сигурност да се утврди дали времето на оброците влијае врз долговечноста или е само показател за други здравствени и животни околности.

Како што истакнува еден од авторите на студијата, Жилеи Шан (Zhilei Shan), доцното јадење треба да се разгледува како потенцијален показател за ризик и навика што може да се промени, а не како конечен доказ за директно причинско влијание. 

Со други зборови, редовниот распоред на оброците можеби е уште една важна компонента на здравиот начин на живот, но засега науката не нуди доволно докази дека едноставното поместување на појадокот или вечерата може само по себе да ни го продолжи животот.

 

Во меѓувреме, може да прошетаме низ светот и да видиме кој што јаде за појадок ;)

Клучни зборови: