Приказната за Морзеовата телеграфија започнува во 19 век, на 24 мај 1844 година, кога Семјуел Морз ја испратил првата меѓуградска порака на релацијата Вашингтон–Балтимор. Пораката, на староанглиски, гласела „What hath God wrought!“ (во превод „Што ли направи Бог!“) – цитат од Библијата (Книга Броеви 23:23), предложен од Ени Елсворт, ќерката на комесарот за патенти Хенри Елсворт.
Интересно е што во самиот библиски стих фразата е во прашална форма и се однесува на делата на Бог за својот народ, но во контекст на телеграфот во 1844 година добила поинаква симболика. Од една страна, изразува стравопочит и благодарност пред Божјата промисла што овозможила човекот да го открие и совлада електромагнетизмот и да пренесува пораки со брзина на светлината. Од друга страна, токму поради тоа што е изговорена во мигот на првиот успешен меѓуградски пренос на телеграма, таа ги спојува човечката инвентивност и научниот пробив со духовниот јазик, како да се вели дека она што го создал човечкиот ум е дел од поголем ред и откритие.
Низ целиот следен век и половина, Морзеовата телеграфија била главниот начин за комуницирање на големи растојанија, особено на море, каде што радиотелеграфијата овозможувала врска меѓу бродовите и копното во добри, лоши и тешки времиња, спасила и многу животи со познатиот сигнал SOS. Но, со развојот на современите сателитски и дигитални системи, старата добра телеграфија постепено го отстапи местото на новите технологии. Во САД, официјалниот крај на комерцијалниот поморски сообраќај со Морзеова телеграфија се случил на 12 јули 1999 година и преминот кон системот GMDSS, кога при згаснувањето била испратена истата симболична реченица od 1844 година, „What hath God wrought“, проследена со кратенката SK, која означува крај на емитувањето.

Испраќање на првата телеграма по електричен пат во САД
Во тој завршен чин на приказната се издвојува поморската радиотелеграфска станица KPH во Point Reyes, во Калифорнија, северно од Сан Франциско, од каде што остана сеќавањето за последниот комерцијален телеграфски сигнал и завршувањето на таа епоха. Она што ја прави посебна оваа станица денес е што ја одржуваат волонтери, поранешни радио-офицери и ентузијасти од Maritime Radio Historical Society, кои редовно ја активираат станицата, за да не згасне духот на една ера.
Секоја сабота (вообичаено од 17:00 до 00:00 UTC) и на годишниот настан Night of Nights (12 јули), станицата KPH емитува со својот оригинален повикувачки знак KPH на историските комерцијални фреквенции (на средни бранови на 426 kHz и на кратки бранови на 4350, 6477.5, 8642, 12808.5, 17016.8 и 22477.5 kHz). Тие испраќаат соопштенија за печатот, временски билтени и историски пораки со телеграфија (и понекогаш со RTTY/SITOR), па радиоаматерите и краткобрановите слушатели (SWL) од целиот свет ги примаат и им испраќаат извештаи за прием за да добијат QSL-картичка од KPH. Исто така, на Интернет постои и познатиот KPH WebSDR приемник во Point Reyes, CA, каде што секој може во живо преку Интернет да го слуша етерот од нивниот приемник и големите антени на тихоокеанскиот брег.

Амбрела (чадор) антената на станицата KPH, со мрежа од жици и изолатори кои се спуштаат од врвот на столбот пониско кон земјата, заради зголемување на капацитивноста кон земјата и кревање на ефикасноста на зрачење на антената. Истиот принцип, стар преку 100 години, ми послужи и мене како инспирација и го користам денес кај мојата антена за долги бранови во Асамати.
Додека во Калифорнија ентузијастите со години се борат и вложуваат труд за да овој историски сигнал остане жив, во Европа последниве месеци се случува спротивното. Со уривањето и минирањето на неколку монументални антенски столбови за средни и долги бранови, физички се уништуваат вистински споменици на радиотехниката и комуникациската историја. Тие челични колоси некогаш биле гласот на цели држави и сведоштво за една моќна инженерска епоха, но наместо да бидат заштитени и претворени во техничко и културно наследство, завршуваат како старо железо поради високите трошоци за одржување и промената на медиумските навики. Така оставаат зад себе само молк на радио брановите и жалење кај сите што го разбираат значењето на тие конструкции.
Денес, ние радиоаматерите сме последните чувари на историското наследство на Семјуел Морз. Причината зошто Морзеовата телеграфија (CW) преживеала повеќе од 180 години не е само носталгијата, туку нејзината генијална едноставност и физичка ефикасност. Точкастата фреквенција на сигналот и приемот на тесен опсег овозможуваат врски со екстремно слаби сигнали на илјадници километри, со минимална моќност и едноставни уреди, пробивајќи се низ шумот и пречките таму каде што гласот не може да помине. Таа традиција денес доживува нова еволуција преку современата технологија и софтверски дефинираното радио (SDR), каде што класичниот рачен тастер и човечкото уво се надополнуваат со компјутерско испраќање, дигитална обработка на сигналите, спектрограми и прецизно филтрирање.
Така, ние го одржуваме кругот отворен. Она што започнало во 19 век како восхит пред човечката инвентивност, денес продолжува да живее во етерот благодарение на радиоаматерите, како последна врска меѓу првите телеграфски жици и бандери и современото дигитално радио на 21 век.

Зградата во која се сместени станицата и музејот на поморската радиостаница KPH, прикажана во декември 2025 година Фото: Википедија/Bitwiseand

Амбрела (чадор) антената на станицата KPH, со мрежа од жици и изолатори кои се спуштаат од врвот на столбот пониско кон земјата, заради зголемување на капацитивноста кон земјата и кревање на ефикасноста на зрачење на антената. Истиот принцип, стар преку 100 години, ми послужи и мене како инспирација и го користам денес кај мојата антена за долги бранови во Асамати.