Рубрика: Телекомуникации
Книга 'Милион радиоврски – радиоаматерска автобиографија'
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 27.11.2026 - 13:15

Од печат излезе книгата „Милион радиоврски – радиоаматерска автобиографија“ од авторот Владимир Ковачески, Z35M.

„Милион радиоврски“ е една од ретките радиоаматерски автобиографски книги воопшто, бидејќи личните приказни на радиоаматерите најчесто остануваат во списанија, билтени или се пренесуваат усно. Затоа книгата претставува и обид едно повеќедецениско лично искуство систематски да се зачува во форма на книга.

Книгата е лична приказна за еден долг радиоаматерски пат што започнал во 1979 година и сè уште продолжува. Ги следи првите чекори на авторот во радиоклубот во Струга, првите радиоврски во 1984 година, добивањето на личниот повикувачки знак, работата од домашната радиостаница и од странство, одржувањето далечни радиоврски, натпреварите, телеграфијата и повеќе од четири децении активности во етерот.

Низ лични сеќавања, искуства и приказни, авторот го опишува развојот на сопствениот однос кон радиоаматерството – од првичниот интерес и учењето во радиоклубот, преку интензивната работа во етерот, до подоцнежните портабл активности и развивањето на сопствениот герила портабл стил. Посебно место имаат и активностите од странство, каде што радиостаницата често била начин да се остане поврзан со радиоаматерскиот свет и во различни животни околности.

Книгата не е само приказна за бројот на одржани радиоврски. Зад нив се луѓето, местата, радиостаниците, антените, патувањата, пријателствата, предизвиците и различните периоди низ кои минувал авторот. Во личната приказна природно се појавуваат и делови од пошироката приказна за македонското радиоаматерство во изминатите децении – радиоклубовите, радиоаматерите, активностите и промените што го следеле ова хоби.

Милионот од насловот не претставува достигната бројка, туку симбол и предизвик кон кој патувањето продолжува.

Објавувањето на книгата се совпаѓа со 80-годишниот јубилеј од основањето на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, а личната приказна во неа се протега низ значаен период од развојот на македонското радиоаматерство. Книгата е наменета првенствено за радиоаматери, но може да биде интересна и за сите што сакаат да дознаат како едно техничко хоби може да стане траен дел од животот.

Книгата може директно да се набави од авторот Владимир Ковачески, Z35M, долгогодишен соработник на списанието „Емитер“ и автор на книгите „Радиоаматерство“, „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“, „Guerrilla Portable – a guide to ultralight outdoor amateur radio“, „Радиоаматерството во Македонија – развој, криза, нов почеток“, „Златна јоносфера – радиоаматерство на кратки бранови“, „Amateur Radio Under Communism and After – A Personal Experience from Macedonia“, „Small Station – Big Operator: Low-Profile Amateur Radio“, „Bicycle QRP Mini-DXpeditions“ и „Islands and QRP Mini-Expeditions“.

Книгата може да се набави и преку е-продавницата на списанието „Емитер“ (тука), а достапна е и на англиски јазик преку Amazon (тука), под насловот „To One Million QSOs – An Amateur Radio Autobiography“.

Клучни зборови: